Вардар до УЕФА: Дајте ни ја Арената макар и со пола капацитет!

Македонскиот фудбалски шампион Вардар испратил писмо до Европската фудбалска унија (УЕФА) во која црвено-црните ја замолуваат европската централа од Нион да им дозволи да го одиграат реванш дуелот со Копенхаген во третото квалификациско коло во Лигата на шампионите во Скопје.

Црвено-црните упатиле писмо до Нион во кое бараат УЕФА да им дозволи да го одиграат мечот на Националната Арена, која е затворена поради претстојниот Суперкуп и мега-пресметката на Реал Мадрид со Манчестер јунајтед. Вардарци во писмото до УЕФА бараат да го играат мечот на својот стадион и дека прифаќаат дуелот со Копенхаген дури да се одира со намален капацитет, односно да биде затворена една од двете најголеми трибини, во случајов северната трибина, која во моментов се уште се шминка за мечот на европските великани.

Вардар вчера беше предаден на дисциплинска комисија на УЕФА за низата инциденти на трибините, фрлањето пиротехника, недоличното скандирање од гледачите, по што се соочуваат со сериозна казна. Во писмото до УЕФА, вардарци бараат помали казни затоа што стадионот „Младост“ во Струмица не е нивни матичен стадион и не можеле да гарантираат дека се ќе мине во најдобар ред дуелот со Малме, кој завчера го добија со 3-1 и по пауза од 14 години направија голем исчекор во Европа обезбедувајќи си долго фудбалско лето.

Вардар идната недела треба да му гостува на Копенхаген во првиот меч од третото коло, а реваншот е предвиден на 1 или 2 август. Инаку, стадионот „Младост“ во Струмица според правилникот за ЛШ не ги исполнува условите за меч од трето коло, зошто не е стадион од трета категорија (едвај доби втора категорија од УЕФА за летово).