Вардар ги ниже најголемите успеси во последните 14 години, а од Дарко Панчев ни трага ни глас!

Неговото доаѓање во клубот беше најавувано како засилување во раководните позиции на клубот, како „ревардаризација“ и враќање на вистинските легенди во управата, но од Дарко Панчев, спортскиот директор на Вардар, нема ни трага ни глас.

Вчера сите го очекуваа да се појави на стадионот „Младост“ во Струмица, да им даде поддршка на своите играчи, но како и во изминатите два-три месеци, популарната „Кобра“ остана сокриена. Не се знае причината за овие негови потези, чаршијата почна веќе да шпекулира, а од клубот се веројатно опиени од успехот и не се достапни за било каков коментар.

Панчев во сиве овие месеци едвај и да контактирал со играчите и со стручниот штаб, што според неговата функција, му е основна задача. Не учествувал во решавањето на кадровските проблеми во клубот, во одлучувањето за ростерот, контактите со странство, договорањето подготовки и пријателски средби.

Панчев почесто можеше да биде забележан на натпреварите од Првата лига, но само еднаш беше во ложата на „Филип Втори“, кога и беше крунисан за спортски директор. Потоа седеше настрана, со свои пријатели, кои не се во никаква функција во клубот. Дарко посвети внимание и на младинската школа, следеше како се калат новите вардарови надежи, но не го направи најважното пораиди што беше и донесен – да внесе свежина во работата на првиот тим.

Во фудбалските кулоари веќе се говори дека Панчев одамна имал различни гледишта на фудбалот од членовите на стручниот штаб на шампионот, па поради тоа немало никаква комуникација. Ако ова е вистина, се поставува прашањето, зошто најголемата македонска фудбалска легенда на 20 век, воопшто беше доведен во Вардар?

Веројатно не поради само да биде искористено неговото име и презиме...

Фото: www.fkvardar.mk