УЕФА го потврди новиот формат на ЛШ – секоја чест за тие што од прва ќе го сфатат!

Новиот формат на Лигата на шампионите ќе почне следната есен, информација што е позната од пред некое време, но денеска беше потенцирана и објавена од УЕФА преку нивната официјална интернет-страница (види ТУКА).

Најважна промена е што во иднина во најсилното европско клупско натпреварување ќе учествуваат 36 клуба, односно четири повеќе од досега.

„УЕФА покажа посветеност на основните вредности на спортот и ги бранеше принципите на отворените натпреварувања. Пласманот на големо натпреварување засновано на спортски успех е основа на сè. Исто така, постои спортска солидарност, која го краси европскиот модел“, изјави Александар Чеферин, претседател на УЕФА.

Нема повеќе групи, туку ќе се игра лигашки систем на натпреварување. Во првата фаза секоја екипа ќе има по осум натпревари и ќе собира бодови за да се пласира во следната фаза. Веќе нема да играат против истите противници дома и на гости. Квалификациите за Лигата на шампионите ќе бидат отворени во зависност од пласманот на клубот во домашното првенство на крајот од претходната сезона и репрезентативниот коефициент. Дополнителни четири екипи влегуваат во ЛШ според следните правила.

Една екипа е третопласирана од петтата најсилна лига во Европа според коефициентот на УЕФА. Другиот тим ќе биде шампион на својата земја, кој преку ќе влезе во ЛШ преку „патеката на прваците“. Досега така низ четирите преткола влегуваа четири тима во ЛШ, а од следната сезона ќе влезат пет. Третата и четвртата екипа влегуваат врз основа на добрите резултати минатата сезона. УЕФА според коефициентот и учинокот од минатата сезона автоматски ќе испрати две екипи во главната фаза од ЛШ.

Системот на бодување не се менува. Остануваат три бода за победа и еден за нерешен резултат. Бидејќи сите екипи учествуваат во лигата, осумте најдобри одат директно во осминафиналето. Екипите пласирани од 9. до 24. место ќе го играат посебен круг (еден натпревар дома и еден на гости) за пласман во осминафиналето. Двојките во оваа фаза ќе се решаваат со ждрепка, а екипите ќе бидат поделени во две групи - носители (од 9. до 16. место во лигата) и неносители (од 17. до 24. место). Потоа, победниците ќе играат против еден од осумте најдобро пласирани од првото коло.