Уапсени бугарски навивачи, се тепаа со полицијата на „Тодор Проески“! (ВИДЕО)

На помалку од еден час до почетокот на мечот меѓу Шкупи и Левски Софија, бугарските навивачи приредија нов бран инциденти, овој пат на арената „Тодор Проески“, во судир со полицијата.

При влез на стадионот, во поттрибинскиот простор, група навивачи влезе во конфликт со припадници на полицијата, кој бргу ескалира и во физичка пресметка. На видеата се гледа како летаат шишиња со сок или пиво, па и некои покрупни предмети.

Полицијата ги скротила бунтовниците и околу 15-тина наместо на трибини, мечот ќе го поминат во станица, бидејќи беа приведени. Претходно, инциденти поврзани со бугарските навивачи забележани се во населбата Чаир, во судир со локалните жители.

Мечот Шкупи - Левски се игра од 21 часот, прв од двата предвидени меѓу овие клубови, во рамки на второто квалификациско коло од Конференциската лига на УЕФА.