„Судир на титаните“, чин први: Баерн ќе му се одмаздува на „кралот“

Двата великани на европскиот фудбал, Баерн Минхен и Реал Мадрид, најтрофејните клубови од Германија и Шпанија, вечерва на „Алијанц Арена“ ќе го одиграат првиот чин од „финалето пред финале“ во Лигата на шампионите.

Новиот „судир на титаните“ на двата европски гиганти е рекорден 25 меѓусебен меч во елитното друштво. Дуел на овие два клуба со вкупно 17 европски титули зад себе речиси да е невозможен во ЛШ, а сега само еден од нив по двомечот во полуфиналето ќе ја има шансата за да стигне во завршната битка за најпрестижниот клупски трофеј. Никој повеќе не се сретнувал во Европа од овие два великани.

Седми пат Баерн и Реал се среќаваат на претпоследното скалило на патот кон „големите уши“, а третпат во последните шест години. И тешко дека некој може однапред да прогнозира што ќе се случи. Баерн има 4-2 во овие полуфиналиња, но и два порази во последните четири години (2014 и 2017 година), во кои Реал Мадрид на крајот завршуваше со трофејот во рака.

Баварците сезонава играат како препородени откако пензионерот Јуп Хајкенс седна пак на клупата. Човекот кој ја донесе последната европска титула во 2013 година во Минхен има една силна традиција – никогаш не испаднал во битка за финале.

„Некои тренери не успеваат да дојдат во ваква положба во кариерата, а јас сум скромен човек, кој како се приближуваат мечевите, сето ова го прифаќа без емоции. Емоциите доаѓаат во текот на мечот, но тоа што е сигурно е дека сето ова ќе биде спектакл за сите љубители на фудбалот. Јас во кариерата се соочив со многу фантастични тренери, како Јохан Кројф, Марчело Липи, но исклучително го ценам Зинедин Зидан и навистина ми се допаѓа како игра Реал Мадрид под негова палка“, вели Јуп Хајкенс.

Баерн има причина за одмазда, затоа што лани испадна во четвртфиналето од Реал во меч, кој донесе низа контроверзи, но сега двата тима ќе остават сè настрана од моментот кога ќе започне вечерашниот дуел и сите мисли ќе бидат насочени како да се оствари зацртаната цел.

Реал Мадрид под палката на Зидан има две европски круни во низа, како прв тим по 27 години што успеал да направи такво нешто, но амбицијата на „кралевите“ е хет-трик со кој оваа генерација би се запишала можеби како најголема во историјата на најпрестижното натпреварување

„Имам голема почит кон Јуп, за сето тоа што го направил во Баерн и во Реал. Можам само да ги повторам комплиментите за него. Нам ни треба фантастична изведба, затоа што Баерн е голем клуб со голем дух. Не мислам дека се фаворити, но знам и не се сомневам дека ќе бидат психолошки подготвени на највисоко ниво“, вели Зинедин Зидан.

Синоќа Ливерпул и Рома одиграа спектакл, но денеска јавноста очекува уште повеќе од титанскиот дуел, од кои победникот би бил огромен фаворит за круната, иако во финале фаворити нема. Сега останува Хамес, Милер, Рибери, Левандовски против Крос, Модриќ, Роналдо, Иско да го демонстрираат сиот квалитет, а љубителите на фудбалот по завршувањето со мечот со нетрпение да го чекаат реваншот на 1 мај

МОЖНИ СОСТАВИ

Баерн Минхен: Улрих – Кимих, Хумелс, Боатенг, Алаба – Мартинез, Тијаго – Хамес, Милер, Рибери – Левандовски

Реал Мадрид: Навас – Карвахал, Варан, Рамос, Марсело – Крос, Модриќ, Касемиро, Иско – Бензема, Роналдо