Роналдо денеска може да урне свој рекорд во Лигата на шампионите

Најдобриот светски фудбалер Кристијано Роналдо игра во непрепознатлива форма во последно време, но за разлика од очајниот скор од само еден гол во Ла Лига, далеку подобар голгетерски е во Лигата на шампионите, а Португалецот веќе денеска во Никозија може да влезе во историјата на Лигата на шампионите.

Португалецот, кој моментно е најдобар стрелец на сите времиња во европската елита, може со еден погодок против кипарскиот првак да урне свој рекорд кој го држи од 2015 година. Станува збор за број на голови во една календарска година, а пред две години тој успеа да стигне до 16 погодоци во една година. Моментно во оваа 2017 година веќе има 16 гола, па секој следен гол за него е – рекорден.

Шанса има денеска со АПОЕЛ во Никозија или против Борусија Дортмунд на 6 декември на „Сантјаго Бернабеу“, а навивачите на мадриѓаните се надеваат дека тој уште денеска ќе распука и дека годината ќе ја заврши минувајќи ја магичната граница од 20 гола во една календарска година.

Инаку Роналдо го држи и рекордот по број на голови во една сезона, вкупно 17 во сезоната 2013/14. Оваа сезона досега даде шест, па ако се врати во препознатлива форма и ако на следните два меча погоди, може да го брка и својот рекорд во оваа категорија во пролетниот дел од елитното натпреварување.