Рускиот гигант Зенит од Санкт Петербург веќе го обезбеди пласманот во пролетните елиминации во Лига Европа, па утрешниот меч со македонскиот шампион Вардар за нив е само формалност, но сето тоа не ги спречува жителите на еден од најубавите градови во Европа да дојдат на стадион и да им дадат поддршка на своите миленици.

Од Санкт Петербург, Русија
ЗЛАТКО КРСТЕВСКИ

Ден пред утрешниот меч, кој се игра на преубавиот стадион „Крестовски“, изграден и за потребите за Светското прввенство во Русија (ќе организира едно полуфинале), интересот кај Русите и навивачите на Зенит е огромен. Денеска, фудбалските фанови во огромна редица чекаа за да дојдат до влезница за мечот со Вардар.

Очигледно за навивачите на Зенит не е важен противникот, дали е некое големо име или е македонскиот првак Вардар, кого во Скопје го победија со 5-0. За нив е најважно да му се даде поддршка на клубот за кој се навива.

Зенит за утрешниот меч најави вистински фестивал со концерт, отворено кино, дел за баскет, дел за видео-игри, па навивачите на „Крестовски“ ќе имаат тричасовна забава пред да уживаат во мечот на своитемиленици против црвено-црните. Како и за секој меч и за овој, јавниот превоз е бесплатен.