Малме може да ја наполни вардаровата каса: Победа вечерва носи – 1,2 милиони евра!

Македонскиот фудбалски шампион Вардар денеска (18 часот) во Струмица против Малме има голема шанса да го прекине децениското проклетство на македонските прваци и конечно да мине една рунда во квалификациите за Лигата на шампионите, а патем и – добро да ја наполни својата каса.

Вардарци ги очекуваат чисти 1,2 милиони евра од денешната победа и шанса освен за долго фудбалско лето, да се борат за историски настап во групните фази на европските натпреварувања и за (пре)богатите награди од УЕФА. Тоа што е сигурно, Вардар веќе има сигурни 580 илјади евра, пари за учество во квалификациите во ЛШ (овие пари не се добиваат ако се пласира во групите во елитното натпреварување), како и 320 илјади евра за настапот во оваа втора рунда.

Тоа што е сигурно е дека победа денеска и пласман на Вардар во следното коло му носи четири нови пресметки во два двомечи. Прв на менито би бил Копенхаген, двомеч кој носи 420 илјади евра во клупската каса за учество, а пораз од данскиот првак би овозможило пресметка во плејоф-фазата за Лига Европа и дополнителни 245 илјади евра за учество во последното августовско квалификациско коло.

Се на сè , Вардар со денешна победа или во најлош случај реми без голови за пласман понатаму во касата би донел 1,245 милиони евра. Плус и шанса за битка за место во групите во европските купови (Лига Европа).

Оваа варијанта е наједноставна, но од успех попладнево зависи и можноста да се „брцне во медот“ на УЕФА, затоа што се отвара вратата за долго лето и шансата за европска есен. Евентуален пласман во групите во ЛЕ, до кои се стига или преку плеј-офот носи 2,6 милиони евра за учество, плус бонуси од вредноста на маркетот кој го дели УЕФА (ТВ-права, маркетинг...) и од резултатските настапи. Учество во ЛШ, пак, е екстра богато – 12,7 милиони плус сите бонуси.

Патот до групите во ЛЕ води по потешкиот – плејоф во ова натпреварување по пораз (од Копенхаген) во третото коло во ЛП или по полесниот – победа во трето коло (во случајот Копенхаген) и обезбеден пласман во плејофот во ЛШ. Европската елита, пак, е достижна со уште две победи во групите, ако денеска Малме падне во Струмица.