Лозана на македонски јазик се најави од Скопје (ВИДЕО)

Швајцарскиот прволигаш Лозана овие два дена е гостин на Вардар и на Македонија, поради натпреварот од второто квалификациско коло од Конференциската лига.

Тимот вчера пристигна во Скопје, тренираше и одржа прес-конференција, а при слетувањето на авионот се најави на македонски јазик.

 

 

„Здраво, Скопје“, пишуваше на официјалните профили на социјалните мрежи на швајцарскиот клуб. Скопје е прва европска дестинација за Лозана по пауза од дури 15 години.

Последното гостување клубот го забележа на 2 декември 2010, во Москва, против ЦСКА во рамките на групната фаза од Лигата Европа. Таа година Лозана како второлигаш стигна до финалето од националниот Куп и поради тоа што Базел ја освои двојната круна, доби шанса да игра во Лигата Европа. Таму помина три квалификациски кола и влезе во групите, но го освои последното место. Мечот против ЦСКА заврши со победа на московскиот тим од 5-1, па не би имале ништо против така да биде вечерва и покрај убавиот поздрав на Лозана од пристигнувањето во Скопје.