„Лавовите“ ќе ја рушат ЦСКА, Шкендија на поправен во Летонија по ланската бламажа

Бившиот првак Шкендија и куп-победникот Македонија Ѓорче Петров попладнево тргнуваат во битка за третото коло во квалификациите за Конференциската лига во пресметките во кои влегуваат со различни улоги, тетовци како фаворити на хартија против летонска Валмиера, а „лавовите“ како аутсајдери против ЦСКА Софија.

Иако двата македонски клубови имаат различни улоги на фаворит односно аутсајдер, ништо тоа нема да значи попладнево на теренот, зашто ниту Валмиера е толку слаб тим (лидери се во Летонија), ниту пак „армејците“ се таков фаворит кој едноставно е непобедлив. Битката за двата европретставници е борба за слава, ама и за пари зашто нов успех ќе им донесе дополнителни половина милион евра, ако успеат да дојдат до третото коло (550.000 евра), а Шкендија досега си обезбеди 500.000 евра, додека „лавовите“ кои денеска тргнуваат во европредизвикот имаат загарантирани 350.000 евра.

Шкендија од 17 часот гостува во Летонија со многу желби да за „одмазда“ после ланскиот неуспех против Рига со два порази во второто коло во квалификациите во ова натпреварување. Пред себе има ривал кој не е наивен, има четворица Сенегалци, Колумбиец, двајца Украинци, Јапонец и моментно се лидери во летонскиот шампионат, па тетовци ќе мора да одиграат и двојно подобро од пресметките со Арарат кој го минаа во минатото коло за да се надеваат на добар резултат пред реваншот во Скопје.

„Ако одиграме така доминантно како против Арарат верувам дека имаме шанса да дојдеме до позитивен резултат, а доброто е што реваншот е во Скопје и со помош на нашите навивачи ќе можеме да дојдеме до следната рунда“, вели капитенот на Шкендија, Ферхан Хасани.

Половина час после Шкендија, од 17.30 часот на тренинг-центарот на ФФМ, „Петар Милошевски“, Македонија ЃП ја пречекува софиска ЦСКА во новата македонско-бугарска пресметка во која „армејците“ доаѓаат како фаворити, но од стартот на сезонава не се така убедливи во играта, па ѓорчепетровци веруваат дека може да изненадат и да дојдат до триумф кој освен предност уште повеќе ќе им ја зголеми самодовербата за реваншот и шансата да минат во следната рунда.

„ЦСКА е фаворит, знаеме каков гигант е, но ние 40 дена се спремавме за овој меч и јас верувам дека можеме да дојдеме до позитивен резултат, а би сакал победа без примен гол. ЦСКА има свои многу силни страни, но и некои слаби страни кои ќе се обидеме да ги искористиме. Јас сум убеден и верувам дека ќе одиграме одличен меч, а во денешниот фудбал се случуваат многу изненадувања, зашто и ние да не направиме такво нешто?“, вели Муарем Бајрами, тренерот на „лавовите“.

Македонија нема победа во пресметки во Европа против бугарски клубови, а во два од трите двомечи во историјата се на „лавовите“ кои испаѓаа од Локомотив Софија односно Черно Море, па сега се надеваат на „трета среќа“ против еден од најголемите клубови кај источниот сосед.

Двата македонски клубови освен за своја слава, за можност за дополнителен добар приход, играат и за македонскиот коефициент, зашто после слабите сезони во две од последните три, Македонија тргна во ова лето од самото дно, како трета најслаба по рејтинг и сега секоја победа и секое реми носи бодови за националниот коефициент за да се избега од „друштвото на фудбалски пациенти“.