Комити ќе патуваат 4.200 километри за Вардар да не е сам во Копенхаген!
Вардар има одлични 1-0 по првиот меч во вторникот против данскиот првак, по мечот одигран на Националната Арена „Филип Втори“, па сега на црвено-црните им е неопходна поддршка и за реваншот на патот кон историскиот успех. Вардар нема да биде сам во Копенхаген, затоа што еден автобус со 50-тина Комити ќе тргне на долг пат кон Данска за да им даде поддршка во второто „полувреме“ на стадионот „Паркен“, дознаваме од извори во клубот.
Од Скопје до Копенхаген има 2.100 километри, па вкупно Комити ќе минат 4.200 километри за да гледаат 90 минути фудбал и со својата поддршка да му помогнат на својот миленик да обезбеди европска есен и пласман во групните фази.
Ако Вардар го мине Копенхаген сигурно ќе има обезбеден пласман во групите во Лига Европа, полна каса пари (преку шест милиони евра), но ќе има шанса во втората половина на август да се бори за уште поголем успех, преку плејоф-колото да стигне и до мултимилионската Лига на шампиони.