Ако Динамо не примеше два гола од Шахтер - Италија ќе куртулеше од короната!

На популарната страница „балкански навивачи“ се појави еден интересен текст, кој e составен од повеќе случувања кои претходеа во претходниот период, а се поврзани со ситуацијата со која се соочува целиот свет, односно пандемијата со коронавирусот.

Да се вратиме на момент во Загреб. Датумот е 06.11.2019, Динамо Игра против Шахтер. Големата победа е тука, пред вратите. Динамо води со 3-1 и во моментот е 93. минута, а потоа следи шок. Во само две минути, хрватскиот гигант прима два гола. Вториот погодок, односно за 3-3 беше постигнат во последниот напад на противникот, кога судијата досуди пенал за гостите.

Неверојатна ситуација: Судијата прво досуди пенал, откако Тајсон падна на левата страна на казнениот простор. Поради протест на домаќините, германскиот судија реши првпат на мечот да го користи ВАР-системот, а потоа замина да ја гледа спорната ситуација. И стигнаа прво добри вести за Динамо, на снимката се забележа како Тајсон сам падна. Меѓутоа, следеше лошаест. Играч на Динамо во текот на последниот напад, додека топката била на 30 метри, со рака го удрил голманот на Шахтер, кој се пресели во противничкиот казнен за да им помогне на соиграчите.

Судијата бараше видео-снимка поради една ситуација, но досуди пенал поради друга и потоа беа поставени конечните 3-3. Тој лакт за пенал во судиското надополнување очигледно ја промени иднината и судбината на човештвото.

Како?

Ако Динамо победеше, Аталанта од Бергамо, која е во истата група, немаше да се пласира во нокаут-фазата на Лигата на шампиони и никогаш немаше мечот во Милано да се одигра меѓу Аталанта и Валенсија пред 40.000 луѓе.

Продолжение...

Познатиот доктор од Италија, Франческо Ле Фоке смета дека една од причините за катастрофалната состојба во Италија, посебно во Бергамо каде што има голем број мртви од коронавирусот е мечот меѓу Аталанта и Валенсија во осминафиналето на ЛШ.

Да потсетиме, мечот беше одигран во Милано (4-1 за Аталанта). На него присуствуваа 40.000 навивачи од Бергамо, градот кој беше најмногу погоден од Ковид-19.

Неколку големи случувања предизвикаа ширење на вирусот, а еден од нив беше мечот меѓу Аталанта и Валенсија. Тоа беше врв на колективната еуфорија, се собраа илјадници луѓе, кои се радуваа, гушкаа и така придонесоа за ширење на вирусот, барем така тврди Ле Фоке.

Според имунологот многу луѓе не сакале да го пропуштат мечот ако имале билети, дури и ако имале покачена температура или други симптоми на вирусот.

Еден од докторите Ди Марко кажа дека биолошката бомба била токму на мечот во Италија на дуелот меѓу Аталанта и Валенсија, кога сите пристигнале со автобуси, возови, преполни автомобили, а токму таа најголема победа на Аталанта во историјата ќе ја памети и како причина за пандемијата.

За таа вечер свое мислење дадоа и новинарите од „Кориере дело Спорт“, кои објаснија што се случувало.

„Таа февруарска вечер, возот со навивачи на Аталанта застана и се симнаа луѓето. Се направи метеж сличен на сообраќајниот кога луѓето во понеделник наутро одат на работа. Во следниот воз беа навивачите на Валенсија. Сите беа еден до друг. Во едниот и во другиот воз. Меѓу нив и некои кои тогаш не знаеле дека се заразени со Ковид-19, кој неколку дена претходно се појави во Шпанија. Во исто време, се собраа сите навивачи на метро станицата и почнаа да пејат, да се гушкаат и да се фотографираат. И еден важен детал, за да покажат фер-плеј, почнаа едни на други да си нудат пиво и да пијат од исти чаши. Тоа беше историско, но неколку недели подоцна почна кошмарот“, пишуваат од медиумот.

Натпреварот навистина беше историски затоа што сите беа собрани и го гледаа важниот дуел на нивниот омилен тим, кој успеа на крајот да се пласира во четвртфиналето на натпреварувањето.

„Ве известуваме дека Едуардо нема да биде денеска во училиште поради културно-историски причини. Ќе има лекција по историја. Форца Аталанта“, напиша еден татко како оправдание за неговиот син.

Со гордост таа порака на социјалните мрежи ја сподели градоначалникот, а тоа докажува каква еуфорија владееше во Италија. Никој не се грижеше поради „кинескиот вирус“, на никој не му беше тоа ниту на крај памет, туку сите се восхитуваа на успехот на Аталанта.

Тимот од Бергамо направи вистинско чудо во друштвото на најдобрите и на „Сан Сиро“ го растури шпанскиот тим со 4-1.

Аталанта беше најголем хит во ЛШ, околу тоа нема никакви дилеми затоа што составот на Џанпјеро Гасперини изрежира уште еден резултат за паметење.

Седум дена подоцна, шпанскиот новинар Кике Матеу, кој ја следеше Валенсија во Милано беше позитивен на тестот на Ковид-19. Тоа беше прв позитивен случај во градот, а на тој 27 февруари во Шпанија имаше само 16 случаи на вирусот.

„Од неколку хипотези за ширење на епидемија во Ломбардија, таа теорија за мечот Аталанта-Валенсија е секако една од најразбирливите, иако не може да се докаже“, соопштија пред неколку дена од Цивилната заштита на Италија. 

Истиот ден, 27 февруари, во Ломбардија бројот на заразени скокна за 60 случаи. Само три дена подоцна имаше 369 случаи. Скокот беше страшен за четири дена од 65 до 369.

Здравството во Ломбардија се бореше да ги прими сите пациенти, а бројката постојано се зголемуваше. Две недели по мечот на Аталанта и Валенсија имаше околу 431 случај на Ковид-19 и 25 смртни случаи. Ништо повеќе не можеше да го запре злото кое ја нападна Италија.

На крајот, меѓу жртвите имаше и доктори, кои го дадоа максимумот да ги спасат другите. 18 доктори во Италија го загубија животот, вкупно 118 медицински работници не преживеаа.

„Од нас 1.600 во Бергамо, дури 400 се заразени. Колега и добар пријател ми се јави на телефон и ми кажа дека со болниот татко доаѓа во болница и да се обидам да му помогнам. Кога ги најдов во болницата, ме погледна со солзи во очите и ми рече: Извини, не знаев дека е таква ситуацијата тука. Едноставно, ниту луѓето кои се занимаваат со ова, не може да си дадат претстава за тоа што се случува тука“, вели доктор Ди Марко.