Откриено кој го изнајмил авионот за кобниот лет на Сала

И по три дена од потрагата за исчезнатиот авион на аргентинскиот напаѓач Емилијано Сала, кој го снема од радарот во понеделникот вечерта откако тргнал од Нант кон Кардиф, нема локација каде евентуално се урнал „Пајпер Малубу“, еден од најлошите мали авиони, кои од 1.000 што биле направени се урнале над 160.

Светот се надева дека е се случи чудо и дека Сала е преживеан, илјаници навивачи се молат за него, иако од спасувачките служби веќе објавија дека „нема надеж“, па го сменија приодот на потрагата од „спасување“ во „операција за пронаоѓање на урнат авион“, што не се вести кои сите сакаат да ги чујат.

Вчера директорот на Кардиф, Мехмет Далман изјави дека Сала сам го организирал летот, иако велшкиот клуб за кој потпиша ден пред несреќата за клупски рекордни 17 милиони евра, се понудиле да му обезбедат комерцијален лет до Нант за да се збогува со соиграчите, пред да се врати во Велс и да ја почне авантурата во новиот тим.

„Скај Спорт“ обелодени дека менаџерот на аргентинскиот напаѓач, Марк Мекеј бил тој што го изнајмил авионот за Сала за кобниот лет. Истовремено демантирал дека авионот бил негова сопственост или сопственост на семејството на аргентинскиот играч.

Сала стравувал за безбедноста во авионот со кој дошол во Нант, па преку СМС-пораки и говорна порака на „Вотс Ап“, изјавил дека авионот е толку лош што во секој момент очекува да се распадне и дека стравува за својот живот.

Девојката на Сала, Беренис Шкир пак изјави дека исчезнувањето на авионот на фудбалерот не е случаен порачувајќи дека треба да се истражи – фудбалската мафија!