Колку е страшна повредата на Нејмар ќе се знае за 24 часа!

Бразил синоќа ја победи Србија за победнички старт во маршот кон шеста светска титула, но десет минути пред крајот првата ѕвезда Нејмар излезе, па плачеше на клупата откако лекарскиот тим му укажуваше помош и потоа го покажа отечениот скочен зглоб.

Земјата која две децении чека на нова светска слава и има исклучителна генерација која има потенцијал за такво нешто сега ќе стиска палци и ќе трепери за да дознае дали уште на почеток Нејмар може да отпадне од комбинација за продолжение на СП.

Докторот на Бразил, Родриго Ласмар објави дека следните 24 часа се клучни за да се види степенот на повреда на Нејмар и дали ќе може да продолжи или предвреме ќе го заврши Мундијалот.

„Има извиткување на скочниот зглоб и немавме време за да ги направиме сите лекарски тестови. Има оток на десниот зглоб и сега најважно е да сочекаме 24 часа за да видиме. Јас би замолил на трпение. Рано е да се каже дали Нејмар е во аут за СП, прво да поминат неколку часа за да го видиме отокот, потоа ќе евалуираме. Тоа свиткување на зглобот е под притисок од стартот на противникот“, рече Ласмар.