„Кој знае како Нејмар реагира кога ќе прими вакцина за грип“

Бразилската суперѕвезда Нејмар повторно го навлече гневот на светската фудбалска јавност со своето претерано тркалање по теренот, секојпат кога ќе биде фаулиран, па еден куп легенди го нападнаа неговото однесување, нарекувајќи го патетично.

Нејмар имаше свое „шоу“ и со Мексико, кога Мигел Лајун го згазна на скочниот зглоб, по што Нејмар се превиткуваше како да го прегазил воз. Последна во низата критики за Нејмар, дојде од бившиот ирски селектор Мартин О'Нил, кој посочи дека веќе видено е колкав низок праг на болка има Нејмар, па посебно го интересира како изгледа Бразилецот кога ќе излезе од лекар.

„Неговата реакција е јадна, многу јадна. Марк Клатенбург е во право кога вели дека тоа е за црвен картон (газењето од Лајун – н.з.), но прагот на болка на Нејмар е многу низок. Баш и не сакам да го видам кога ќе излезе од ординација по примена вакцина за грип. Кој знае што е тоа...“, изјавил О'Нил за „Ај-Ти-Ви“.

Сериозни критики и исмејувања Нејмар посебно доби од две фудбалски легенди, Англичанецот Гери Линекер и Французинот Ерик Кантона.