УЕФА потврди: Македонија носител во Лига на нации! (ФОТО)

Европската фудбалска унија (УЕФА) и официјално потврди дека Македонија ќе биде носител на ждрепката за новоформираното натпреварување Лигата на нации, која ќе стартува во септември идната година.

Македонија со четирите бода освоени во завршните два мундијалски квалификациски мечеви (реми со Италија и победа над Лихтенштајн) успеа да се избори за статус носител за ждрепката на 24 јануари во Лозана. Македонија ќе игра во најслабата Лига Д и со статусот носител, како и составот на оваа најслаба лига, црвено-жолтите сега имаат широко отворени врати кон Евро 2020, па потребно е за почеток да бидат први во својата група, а потоа низ полуфинале и финале да ја бараат шансата за историја против трите други победници во групите во оваа најслаба лига од Лигата на нации.

Македонија е втора по рејтинг, веднаш зад Азербејџан меѓу носителите, а уште во првиот шешир се и Белорусија и Грузија. Во вториот шешир се Ерменија, Летонија, Фарски Острови и Луксембург, во третиот Казахстан, Молдавија, Лихтенштајн и Малда, а во најслабиот Андора, Косово, Сан Марино и Гибралтар.

Во Лига Д, каде што ќе игра Макеоднија ќе има четири групи по четири репрезентации, а на ждрепката нема да може да се паднат Азербејџан и Ерменија во иста група. Лига Ц ќе има три групи по четири селекции и една со три, а најсилните две лиги А и Б ќе бидат формирани со по три групи по четири селекции.

Ќе се игра од септември до ноември по два меча во месец, дома и на гости, а победниците ќе изборат пласман за плејофот, кој е закажан за март 2020 година, по евроквалификациите во 2019 година (од март до ноември). Во плејофот играат сите победници во групи по лиги, а четирите најдобри преку полуфинале и финале ќе обезбедат пласман на Евро 2020.