Тричковски: Уживаме за себе, а ќе играме одговорно за - цела Македонија!

Македонските фудбалери го исполнија деценискиот сон и се пласираа на Европското првенство, но нивниот спортски апетит не им дозволува да престанат со амбициите и да се задоволат со самиот настап. Натпреварот со Австрија, в недела, ќе биде првиот на кој ќе покажат дека сакаат да освојуваат бодови.

Иван Тричковски вели дека се свесни оти ги живеат желбите на цела една држава и веќе уживаат во присуството во Букурешт. Меѓутоа, веќе од недела (18ч.) против Австрија, ќе покажат дека одат по целиот плен.

„Можам само да кажам дека, едноставно, уживаме во овие моменти, но со една огромна доза на одговорност, затоа што знаеме каде сме, знаеме што значи за нас и за цела земја. Ќе нè гледаат сите, ќе нè бодрат многу навивачи и тоа за нас претставува еден огромен мотив. Атмосферата е на едно високо ниво, долго сме знаеме, сè функционира перфектно. Имаме уште 48 часа до натпреварот со Австрија, одработивме едни добри подготовки и сите со нетрпение го исчекуваме. Дали ќе биде пресуден или не, не знам, но ние сме подготвени и знам дека многу работи ќе зависат од нас. Можеби има еден позитивен притисок, но чувство ни е познато, го имаме веќе со години. Сепак, ова е едно специјално натпреварување на кое сите ние сме првпат и секако дека и индивидуално и екипно ќе дадеме сè од себе. Ова е едно остварување на сон, на нас како фудбалери и на цела земја. Успехот го направивме , но не застануваме, туку ни преостанува да продолжиме и да оствариме добар резултат.“, вели Тричковски.

Дополни дека на теренот ќе ја чувствуваат поддршката не само од навивачите кои ќе бидат на трибините, но ќе чувствуваат одговорност дека играат за цела Македонија

Знаете, тоа само по себе нè прави нас многу горди и среќни, поради тоа што успеавме да ја ставиме Македонија на таа европска, фудбалска мапа. Сега сите зборуваат за нас, како дебитанти, кои направиле историја. Сето тоа носи една доза на задоволство и среќа кај нас, но истовремено носи и огромна доза на одговорности сите сме многу свесни за тоа. Не ја претставуваме само оваа мала група на луѓе, туку претставуваме една цела земја. Ќе нè гледа цела Европа и морам да повторам, тоа е огромна одговорност. Сепак, ова е фудбал, ова е игра во која треба да уживаме сите.“, истакна напаѓачот.