„Тоа што Лидс бара вистински лев бек не значи дека Алиоски треба да си оди“

Еден од новинарите кои го следат Лидс, Берен Крос во лајв-чет со навивачите на овој англиски премиерлигаш, открил дека клубот од „Иланд роуд“ не сака да го „избрка“ македонскиот лев бек Езџјан Алиоски со тоа што планира да се засили со еден вистински лев бек.

Алиоски во Лидс дојде пред четири години од Лугано за безмалку три милиони фунти, но како левокрилен фудбалер, а потоа кај Марсело Биелса блесна, иако позициониран на лев бек, но само поради философијата на „лудакот“, кој преку голем посед му отвара повеќе простор на популарниот Џани да „виси понапред“, па дефанзивно таа страна е послабо покриена.

Биелса неколкупати застана во одбрана на Алиоски, посочувајќи дека одбрана игра цел тим, а не само Алиоски и дека тој философијата нема да ја промени, но клубот бара подефанзивен лев бек, како алтернатива за сезонава, која од август повторно ќе биде долга и напорна. Најавите дека Лидс бара лев бек, само додаваа масло на огнот дека со тоа завршува соработката со Алиоски, па се појавија информациите за негова преселба во Галатасарај како слободен играч...

„Јасно е дека Лидс бара лев бек и неколкупати тоа јасно го ставија до знаење, дека на таа позиција е приоритет да се донесе играч. Ама, тоа не значи дека не го сакаат Алиоски или сакаат да го избркаат. Лидс се надева дека Џани ќе остане, а дури и сега мислам дека уште поголеми им се надежите дека ќе остане. Дури и се изненадени што Џани досега не потпишал никаде пред-договор, што е јасен сигнал дека Лидс му е во прв план. И мислам дека овие вести се 'музика за уши'. Алиоски сака да остане, но тука влегува и друг дел, менаџерот кој бара начин да му обезбеди нешто каде ќе има лични најдобри услови, поголема заработка... Тоа е кочницата засега“, вели Крос.

Лидс веќе му понуди нов договор на Алиоски, без конкретни детали, но медиумите посочија дека станува збор за далеку подобрен договор од првиот на финансиски план. Алиоски имал 55 илјади фунти неделно, а откако дојде во Лидс во најголем дел од мечевите и во Чемпионшип и во ланската прва сезона во Премиерлигата е стартер. Лани одигра 29 од 38-те меча како стартер, а пропушти само три и притоа даде три гола и три асистенции.