Нема да има невидена инвазија: Македонија на Евро 2021 во Букурешт ќе игра пред 12.000 гледачи?

Македонската фудбалска репрезентација која летово ќе дебитира на Европското првенство низ Европа, нема да игра пред полн стадион во Букурешт на Националната Арена во романската престолнина, објави еден од најугледните романски новинари Емануел Росу, инаку соработник на угледните „Гардијан“, „ФорФорТу“, „Ворлд Сокер“.

Според Росу, мечевите кои ќе се играат во романската престолнина од групата Ц, а воведните два на Македонија се на програмата, ќе се играат пред гледачи, но со само 25 отсто од капацитетот на стадионот, што значи 12.000 гледачи.

Ова не е баш најдобра вест за македонската „Фаланга“ зашто во случајов многу помалку влечници ќе добијат македонските навивачи во однос на тоа што би имале ако капацитетот на 55-илјадната Арена е исполнет до последно место. Но, и вака виси барем засега дали би можеле македонски навивачи да дојдат во Романија, зашто пандемијата со коронавирус ќе диктира присуство на гости, а за тоа ќе решаваат државните власти во соработка со УЕФА.

Европската централа објави вчера дека останува планот да се игра Евро 2021 во 12 градови низ Европа и дека воопшто не размислува за префрлање на континенталниот шампионат само во една земја, одбивајќи ја понудата на велика Британија сама да го организира ова првенство.

Македонија на Евро 2021 во Букурешт ќе игра против Австрија на 13 јуни и против Украина на 17 јуни, а третиот меч од групата е со Холандија во Амстердам на 21 јуни.

УЕФА најави дека на 5 април ќе ги открие сите детали за Евро 2021 околу организацијата, бројот на гледачи кои ќе може да присуствуваат, како и како ќе се продаваат влезниците кога веќе извесно е дека комплетните капацитети на стадионите нема да бидат полни, а 90 отсто од билетите се распродадоа уште пред пандемијата со коронавирус