
Милевски: Ако одам по принципите кој игра, тој да добие повик – ќе немаме доволно играчи!
Висар Муслиу беше повеќе од еден месец повреден, па почна да игра, Никола Серафимов исто така беше повреден, Езџјан Алиоски игра-не игра, Енис Барди нема константна голема минутажа, па веќе цела сезона, Милевски ги нема фудбалерите на највисокото можно ниво.
„Останавме без две опции за напад, ама не кукаме и ќе пробаме да извлечеме максимум со тие што ги имаме. Сите што ќе се спозобни и здрави, за мене, тие се најдобрите во моментот. Се надевам дека сите повикани ќе се спремни за да се стават во функција на тимот. Да зборуваме за натпреварувачката форма е неблагодарно и таква форма да се бара од нив. Јас ги погазувам принципите кои ги воведов, дека ќе бидат повикани тие што играат и се во најдобра форма, но во моментов ако се водам по тоа – 70 отсто од играчите не би биле викнати. Ама, ние немаме обемен ростер од фудбалери кои се на едно високо ниво. И затоа, што е тука е, не се жалиме, скоро две години само еднаш сме биле комплетни и тоа со Португалија. Јас само се надевам дека ќе бидат сите здрави и способни да се стават во функција на тимот“, вели Милевски.
Еден дебитант има во актуелниот состав, Сефер Емини од дански Сондерјиске и сѐ останато се фудбалерите кои беа повикани и во март на почетокот на овие евроквалификации.
„Емини со игрите и постојаните настапи заслужи да биде дел од А-тимот, сите други се истите од март. Во моментов сконцентрирани сме исклучиво на мечот со Украина. Сѐ друго е на страна. Јас знам дека сите што играле за Македонија од овие фудбалери, секогаш давале и повеќе од максимум и формата била во втор план, па затоа верувам дека и сега без оглед кој во каква натпреварувачка форма е – ќе даде и повеќе од што може“, додаде Милевски.
Фудбалерите кои веќе завршија со сезоната и веќе се дојдени во Скопје од утре почнуваат со подготовки, а од понеделник ќе им се приклучат и друг дел од играчите кои ќе завршат со сезоната, додека официјалниот собир е во хотел Хилтон на 10 јуни. Единствени што ќе дојдат ден потоа се Дејан Илиев и Езџјан Алиоски, кои ќе дојдат ден потоа на 11 јуни.