Македонија во Тбилиси или Минск ќе ја вади визата за Евро 2020

Македонската фудбалска репрезентација ќе го игра евентуалното финале за пласман на Евро 2020 на гости во Тбилиси или Минск против подобриот од дуелот Грузија – Белорусија, реши денешната ждрепка за баражите во Лигата на нации во Нион.

Македонија за да се пласира во финалето прво ќе мора да го мине соседно Косово на домашен терен на 26 март, откако за ваков меч се избори со првото место и вториот најдобар скор во групната фаза од Лигата на нации минатата година во првата сезона од новоформираното натпреварување. Сега ждрепката сакаше мечот да го играме на гости, каде што ќе треба да ја бараме визата за прв историски настап на континенталниот шампионат.

Црвено-жолтите немаа денеска среќа за да добијат уште еден домашен меч во трката за Евро 2020, кој би бил најважниот во историјата, ако обезбедиме финале, па сега Пандев, Алиоски, Барди, Елмас и останатите репрезентативци ќе треба сериозно да се потрудат прво да го победат Косово, а потоа на тешко и незгодно гостување да се изборат за пласман на Евро 2020.