Парите не ме интересираат, само сакам да ја водам Македонија на Евро 2021!

Во тмурната и тешка 2020 година, Македонија испиша историја со пласманот на Европското првенство (EП) следното лето, како зрак светлина во темниот тунел, кој барем на момент ги остави сите маки, болки настрана од „новото нормално“ и кој предизвика национална еуфорија, откако Игор Ангеловски со четата предводена од капитенот Горан Пандев го освоија Тбилиси и ја извадија визата за Евро 2021.

НИКОЛА БОГОЈЕВСКИ

Селекторот Ангеловски е личност на годината во изборот на Спорт 1, придружувајќи им се на Раул Гонзалез (2017), Енис Барди (2018) и на Елиф Елмас (2019) во нашиот годишен избор. Популарниот Мрме после пет години на кормилото е еден од најзаслужните за пласманот, секако заедно со фудбалерите, кои мастрално ги предводеше од клупата. За неговата верба дека е можен успех, за тоа како создаде семејна атмосфера во соблекувалната, како ги „примора“ пулените да гинат за дресот и да играат повредени, за тоа како го врати Пандев во националниот дрес во најмизерните моменти на А-тимот, ама и за претстојните преговори за нова соработка, низата шпекулации околу заладените односи со федерацијата и за битката со Ковид-19, говори во интервјуто за нашиот портал.

Селекторе, изминува 2020 година, најтешка година за сите поради коронавирусот, но фудбалски – најубава. Обезбеден е историски пласман на ЕП, нешто што беше сон на секој во земјава. Верувавте дека Македонија има сила за историски пласман, но кој момент најмногу ве убеди дека сонот е достижен? Ама и кој момент ве замисли, можеби и ви влеа сомнеж, дека пласманот би можел и да не се оствари?

„Тешка година, особено од пандемијата со коронавирус која го зафати целиот свет и се надевам дека наскоро ќе запре. Од друга страна ни се случи најубавата работа, со пласманот на ЕП, зашто долготраен беше сонот за такво нешто, нешто што го чекавме уште од деца, кога одевме на стадион да ја гледаме таа прва генерација на Македонија предводена од Чичко Дончо (Андон Дончевски – н.з.). Среќен сум што јас бев предводник на генерацијата што го оствари сонот и затоа им благодарам на играчите, а тие се најзаслужните за овој успех. Како тренер, јавно декларирав дека цврсто верувам дека може да успееме и во ниту еден момент не бев исплашен дали тоа ќе се случи или не. Сакав едноставно да останам сконцентриран за да го оствариме тој историски успех.

Колку е тешко да се изджат моментите во Тбилиси, посебно последните 15 минути, кога секој во земјава потскокнуваше во место чекајќи судијата да означи крај? Како би ги опишале тие моменти, треба да се сконцентриран на секоја секунда на теренот, а од друга страна само ги броите секундите кога ќе заврши мечот?

Искрено, воопшто не бев сконцентриран на времето, туку исклучиво на сегментите на теренот. Навреме поведовме и сета концентрација потоа беше кога да направиме измена, посебно знаејќи дека на теренот имавме ровит фудбалер во Аријан Адеми. Прашањето беше колку и до кога ќе издржи, а веќе имавме спремни солуции кој да го замени, Стефан Спировски или Тихомир Костадинов. Потоа бев сконцентриран за кога да се направат другите измени, со цел на противникот да им ја растуриме играта во тие последни моменти. Дури кога помошникот ми кажа дека се истечени четирите минути, јас дури тогаш почнав да реагирам кон главниот судија дека е истечено времето. Јас и пред мечот бев смирен, сакав таа смиреност да им ја префрлам на фудбалерите, за тие да ја добијат потребната самодоверба, да не мислат на значењњето на мечот, туку исклучиво на играта на теренот.

Кога судијата Ентони Тејлор означи крај на мечот во Тбилиси и со тоа Македонија испиша историја, вашите солзи пред камерите ги видоа сите во земјава и низ Европа? Што прво ви помина низ глава откако визата за Европско беше заверена?

„И солзи и радост! Измешани емоции – солзи радосници. Солзи буквално посветени на секој граѓанин на Македонија, зашто знам дека го остваривме сонот на сите генерации, сонот за кој мечтаевме да дојде тој момент кога одевме на стадион, а тоа е Македонија да игра на ЕП, а јас да ја имам таа чест и задоволство да бидам предводникот на таа селекција. Едноставно – јас бев најсреќниот човек на светот во тој момент, иако плачев.

После пет години на кормилото на националниот тим, завршува вашиот мандат. Ве изненади ли фактот дека после месец и половина од историскиот пласман на ЕП се одолговлекува прашањето за нов договор. Се чувствувате ли помалку навредени дека остварената цел на цела фудбалска Македонија не е експресно наградена со ваш нов договор како селектор?

„Не се чувствувам навреден зашто тоа е начин на функционирање на претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини. Во неговите планови е да разговараме кога ќе заврши договорот, а видов во едно интервју негово дека јас сум прв избор за селектор и му благодарам за тоа што мисли и ме смета за прв избор за селектор. Мислам дека го заслужувам тоа со резултатите со А-тимот. Подготвен сум да ги прифатам сите услови што ФФМ ќе ги постави, да го потпишам тој договор и дури и сите детали од договорот да се објават јавно на прес-конференција. Не сакам јавноста да добие погрешен впечаток дека јас поставувам услови, зашто за мене националниот интерес е пред личниот.

Се шпекулира дека веќе сте поставиле услов и сте побарале 300.000 евра годишна плата?

Ха, ха, ха... Шпекулации не коментирам, ама најодговорно тврдам дека од моја страна ниту имало неофицијални, ниту официјални преговори. Јас и погоре кажав, ги прифаќам сите услови, без јас да поставувам услови.

Ако во мај лани добивте нов договор за да се продолжи континуитетот со селекцијата во период кога беше остварена само една цел, пласман во баражот за ЕП и после добар старт на квалификациите, зошто сега после историски пласман, раководството на ФФМ тактизира? За последниот договор сте добиле повисока плата? Има ли позадина сето ова, посебно зашто веќе една година јавна тајна е вашата „тивка војна“ со актуелниот претседател?

„Морам да посочам дека кога ја продолжувавме соработката, платата беше зголемена, ама таа сума се зголеми во моментот кога државата го донесе законот за прогресивен данок. И се договоривме со раководството на ФФМ, за сумата што треба да го платам данокот да се зголеми платата. И тоа беше всушност истата плата од претходно, само зголемена поради поголемиот данок што во тој момент беше на сила. Од друга страна, јас не водам војна со никого, а максимално професионално си ја извршувам функцијата и позицијата селектор. И треба да бидам реален и објективен, а не е фер да не кажам дека А-тимот функционираше перфектно, зашто ги доби сите можни услови. Тие заслуги одат и кон бившиот претседател Илчо Ѓорѓиоски и кон сегашниот Сејдини и кон генералниот секретар Филип Поповски. Така да, со никого не војувам, а и немам намера да влегувам со некого во војна.

Какви ви се односите со раководството на ФФМ? Еднаш рековте „јас го гледам мојот дел, тие својот. Јас одговарам за мојата работа, тие за својата“? Вистина ли е дека постои нетрпеливост веќе една година, почната од еден неуспешен обид да ве зменат после завршувањето на квалификациите? Во јавноста се шпекулира дека со Сејдини сте имале и физичка пресметка пред неколку месеци

Одговорив и претходно, а и демантирам дека со некого сум се пресметувал физички, особено па не со претседател на федерација. Немам јас нетрпеливост кон никого, не сум човек што мрази. Од друга страна, треба нив (ФФМ – н.з.) да ги прашате, зашто јас не можам во нивно име да одговарам. Јас сум сконцентриран на сѐ што се работи во и за А-тимот, а тие што ја водат ФФМ се задолжени за тоа што работи федерацијата. Во поглед на тоа што како А-тим требало да го добиеме од федерацијата, апсолутно - сме го добиле.

Поранешниот селектор Бошко Ѓуровски неодамна изјави дека бившиот претседател на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски му се мешал во работата, му го кроел списокот. Дали сте се соочиле во овие пет години бившиот или сегашниот претседател да се обидат да го кројат списокот или во најмала рака да сугерираат одреден(и) фудбалер(и) да се најдат на него?

Најодговорно тврдам дека никој, ама баш никој не ми се мешал во мојата работа. Сите одлуки сум ги носел исклучиво самостојно и исклучиво во интерес на репрезентацијата. Можеби на некого му сметам што не дозволувам да му се мешаат во работата, а ќе повторам дека апсолутно никој не ми се мешал во работата како селектор.

Од ФФМ најавуваат после новогодишните празници дека ќе седнете на преговори. Кој услов што ФФМ би го поставила би бил едноставно неприфатлив за вас, би ве довеле во ситуација едноставно да кажете – нема шанси под овој услов да останам селектор? Впрочем, постои ли теоретски ваква шанса, да ве донесат во ќош, па историскиот пласман да остане ненаграден со ваше присуство на клупата на дебито на големите натпреварувања со Македонија?

Мислам дека веќе одговорив на ова прашање, ама да повторам спремен сум да ги прифатам сите услови што ќе ги постави ФФМ и го ставам националниот интерес пред личниот. А, и не гледам причина да биде поинаку. Сите понудени услови кои се пристојни, ќе ги прифатам, а потоа сите заедно со поддршка од медиумите и од навивачите да одиме на ЕП и да ја претставиме Македонија во најдобро светло.

Четири години ваша десна рака беше тренерот на голманите и бивш репрезентативец Гого Јовчев. Последен пат заедно бевте на клупата во ноември на завршувањето на евроквалификациите и обезбеденото трето место. Годинава, на репрезентативен план, после кризата со короната почна со изненадувачка одлука тој да не е дел од стручниот штаб. Што се случи во меѓувреме, што вашиот прв соработник е практично исклучен од националниот тим?

Тоа се интерни работи кои што се случуваат, како со Висар Ганиу (сега градоначалник на Чаир – н.з.), со Арѓент Беќири (сега член на УО – н.з.), па така и со Гого. Тоа се персонални промени кои се нормални. Немам некои посебен коментар, Гого, како и Висар и Беќири беа дел од оваа репрезентација и сите тие имаат заслуга за конечниот успех.

Македонија напиша историја, ќе игра на Евро 2021, засега нејасно со или без вас. Најмалку десетина пати јавно истакнувавте дека верувате во ваков пласман, ама откако се појави коронавирусот, многу работи се изместија. Се наби календарот, фудбалерите не беа во фудбалскиот ритам и физичката подготвеност како до појавата на кризата. Се појави ли страв дека кога требаше да се оствари целта, таа може и да ја промашиме. Особено после драмата со Пандев и неговото доаѓање за Косово, па изостанувањето на Елмас поради корона..., постојаниот страв дека вирусот кој не прашува кого ќе закачи, може да ни ја осакати селекцијата?

Добро знаете дека во мојот мандат како селектор многупати имавме доста проблеми со повредени, а Македонија е ограничена во делот на квалитетни ресурси, па секое отсуство се одразува. Но, јас на селекцијата наметнав едно нешто, а тоа е тимот секогаш да го надополни некое отсуство и тоа се покажа одлично. На крајот, среќен сум што тимот секојпат надополнуваше секое отсуство, а тимот максимално функционираше. Треба да сме реални дека и противниците, како Косово без Рашица и Муричи беа осакатени, нам ни фалеше Елмас, но во такви ситуации добро изменаџиравме, тимот даде одличен одговор на тој проблем

Ако по нешто посебно сте најзаслужен во овие пет години е фантастичната атмосфера во соблекувалната. Дали таа беше главната причина за успехот? И што беше тајната за таа сполотеност? Како успеавте да ги обедините фудбалерите, да се повеќе и од семејство? Низ историјата, во репрезентацијата имало добра атмосфера, но имало и поделби, ама до толку обединетост немало.

Вакво нешто не се глуми. Не можете на фудбалерите да им наредите, ајде радувајте се, ајде гушкајте се, ајде смејте се... Сите ние, тоа е нормално и човечки, имаме некаков карактер, кој ве води кон некого да имате симпатии, некој да ви одговара, а некој не. Ама, ние успеавме така добро да се вклопиме како едно семејство и јас на играчите им кажав дека јас сум прв кој ќе ја остави суетата на страна, а и од вас го барам тоа. Моите одлуки се во интерес на репрезентацијата и сите вас ве сметам за подеднакво важни, а секој што ќе ја добие минутажата, да го даде максимумот. Основа на се во селекцијата беше – почитта кон соиграчот и посебно почитта кон националниот дрес. Така да, таа почит, оставањето на суетите надвор, а предводени од капитенот Пандев, со неговите ловечки и фудбалски квалитети, ја направи таа атмосфера. Пет години работев во таква атмосфера со таква група и тоа ми е – најдраго!

Барем сто пати сте посочиле дека основа за вашата успешна приказна како селектор е тоа што го убедивте Горан Пандев да се врати во репрезентацијата. Како успеавте да го убедите Пандев во момент кога бевме под 160-то место на табелата? Со што тоа го убедивте да се врати, во период кога ама баш никој не веруваше во националниот тим, ниту имаше поддршка, а и тие малубројните гледачи повеќе свиреа одошто аплаудираа, селекцијата беше означувана како – кубик трупци... Од каде таа самоувереност дека за пет години Македонија ќе дојде и до настап на ЕП?

Апсолутно сите тие факти ги знаевме од недовербата, свирежите, лошите резултати и Горан си ги кажа причините во тој дел што не му се допаѓа околу репрезентацијата. Јас од првиот работен ден како селектор, побарав да одам во Џенова за да разговарам со Пандев и да пробам дали има можност Горан да ја смени таа одлука. Големите луѓе се едноставни, ако им пријдеш чесно, зашто се многу интелигентни, дури и преинтелегентни за да ја сфатат таа чесност во пристапот. И кога се видовме буквално му реков: 'Премногу си голем за да се повлечеш од репрезентацијата вака недоречено, зашто треба да се повлечеш со настап на едно ЕП или СП'. И сега ако за некој сум посебно среќен е тоа што Пандев се врати во националниот тим и покрај таква клупска кариера и што во Букурешт ќе излезе да ја испее химната со капитенската лента на раката пред милиони и милиони гледачи. Пандев премногу ја сака Македонија и сите негови победи, и тие клупските ги посвети на Македонија и затоа сум многу среќен што го оствари овој сон да игра со Македонија на ЕП

Пласманот на Македонија е обезбеден по најлесниот пат! Далеку полесен во однос на традиционалниот квалификациски циклус. Да не беше Лигата на нации, веројатно и ова ЕП ќе останеше недостижно, но нејсе, настапот на ЕП секако ќе треба да се оправда, иако е обезбеден по далеку помалку трнлив пат. Каков резултат на ЕП би го потврдил баш тоа – дека Македонија заслужено е дел од европскиот крем?

Пред пет години кога седнав на кормилото не знаев дали форматот за пласман на ЕП 2020 ќе се смени или не, а сето тоа беше потоа одлука на првиот човек на УЕФА, Александер Чеферин. Треба да сме реални, Чеферин понуди можност помалите земји да се натпреваруваат во помал ранг во својата конкуренција, а ние во нашата (Д-дивизија) бевме најдобри и преку баражот стигнавме до ЕП. Е, сега, ако беше претходниот систем на квалификации, каде и третите играа бараж, тогаш ние преку овие квалификации стигнавме до трето место, кое е најдобар пласман на Македонија во историјата во едни квалификации, така да и по тој систем ќе обезбедевме бараж. Дали вака во бараж преку Лига на нации или во бараж преку квалификации, сеедно што се однесува до Европското првенство, најдобра потврда би било ако успееме да ја минеме групата. За Македонија секој бод и секој позитивен резултат би биле успех, а ако сето тоа уште е и доволно да одиме во следна фаза, тоа би било – огромен успех.

Честопати ве критикувавме дека Македонија има силен потенцијал да игра уште подобро, да биде уште похрабра... Дали најдоброто од Македонија е ова што досега го видовме или селекцијата има поголем потенцијал на теренот од тоа што досега е одиграно.

Јас секогаш ја почитувам критиката и прифаќа секаков тип на позитивна критика. Тоа е добро за мене, зашто работам јавна работа и подложен сум на критика. Ама, таа критика ми помага и мене да согледам одредени работи, зашто не сум јас најпаметниот на светот, секако може да направам грешка. Но, Македонија е веќе репрезентација, која дури и да не блеска знае да го добие мечот. И тоа е одлика на тим што знае да игра на резултат, а ние го покажавме тоа многупати. Јас, од друга страна, сум прв што секојпат бара повеќе од играчите, што никогаш не е задоволен од прикажаното. И постојано ги ставам фудбалерите под притисок дека можат уште повеќе, зашто убеден сум во тоа. Во иднина треба да покажеме дека сме уште поквалитетни, зашто сега нѐ чекаат далеку посилни репрезентации, како во мундијалските квалификации, така и на Европското првенство. А, токму против такви селекции, нашиот квалитет треба да расте.

Кој беше главниот адут на оваа селекција, а која најголемата маана? Како успеавте на фудбалерите да им наметнете таков патриотизам, па тие практично и повредени да горат од желба да играат, да стиснат заби, макар жртвувајќи пауза во клубовите.

Почитта кон светиот дрес на државата! Од почетокот кога ја преземав селекторската палка, тоа беа мои зборови. Јас на фудбалерите им предочив еден факт – како јавноста да нѐ поддржи, ако ние не гинеме за дресот. Фудбалот е игра во која може да победиш, може да загубиш, може да одиграш нерешено, ама не сакам после завршен меч да се погледнеме во очи и да се посомневаме дали сме го дале максимумот. Максимумот мора да се даде на секој меч, ако победиме ќе славиме, ако загубиме ќе ги бараме грешките. Сите овие фудбалери се професионалци и живеат од фудбалот, а тие своето здравје го ризикуваат за репрезентацијата, доаѓаа повредени и за сиот тој нивни однос јас можам само да им се поклонам до земја

Во изминативе години веројатно стопати ве критикуваа за тврдоглавоста и инаетот околу изборот на фудбалери, на безмалку затворениот список, на се едни исти фудбалери. Зошто таква ригидност со изборот? Сметате ли дека можеби сте згрешиле што во одредени моменти во изминативе години, некои фудбалери добивале преголема доверба, а некои неправедно и несвесно биле изоставани

Јас го избрав методот да се оформи круг на фудбалери кои долго ќе бидат заедно и да нѐ води принципот тешко се влегува во селекцијата, ама и потешко се излегува, посебно ако бележиме добри резултати. Од 2017 година наваму имаме тренд на позитивни резултати, кој не беше забележан во историјата на репрезентацијата и сето тоа ми даваше дека сум во право, иако веројатно некој можеби и не бил во најсјајна форма, но не сакав да го рушам принципот. Им дадов шанса, а ако гледаме од тој аспект, резултатите се тие што говорат на крајот, а кога ќе се пласирате на ЕП, покажува дека сум бил во право.

Во овие пет години како сте селектор, кој момент посебно би го издвоиле кој ви покажал дека оваа генерација е спремна за нешто големо?

Двата меча со Италија, четирикратен светски првак. Тој првиот меч во Скопје (квалификации за СП 2018 – н.з.), кога игравме со гигант како Италија, која знаеме која е, а играа на ЕП 2016 и да кажам еден податок, основата на селекцијата Буфон, Кјелини, Бонучи, Барѕалји примија вкупно - два гола. Ние на таа Италија, до 80 минута водевме 2-1, имавме уште две стоотстотни шанси и на крај Чиро Имобиле даде гол и да загубиме мечот. Потоа дојде тоа гостување во Торино, на кое не само што ремизиравме 1-1, туку во вторите 45 минути, таа голема Италија не шутна кон нашиот гол, а ние играме на теренот на четирикратниот светски првак. Тоа беа тие пресудни моменти дека имаме квалитет и дека треба да се втурнеме во трка за пласман на големо натпреварување

За пласманот на ЕП нема сомнение дека секој од играчите и стручниот штаб е најзаслужен за пласманот, ама ако би требало нешто посебно да се издвои – што би било тоа?

За ваков голем успех мора сѐ беспрекорно да функционира, а од позиција на селектор буквално функционираше сѐ беспрекорно, зашто ги имавме сите услови кои можеше да ги добиеме. Кога сето тоа ќе се спои, резултатот дојде како што дојде

Македонија има генерација од која половина од златните момчиња допрва ќе влезат во најзрелите години, низа играчи од младата селекција кои секако ќе се најдат на списокот, неколкумина кои веќе се во најубавите фудбалски години. Подготвена ли е оваа селекција да влезе во ера без лидерот на оваа селекција, која некако во низа мечеви не докажа дека лесно може да го преброди недостатокот на Пандев?

Јас сум свесен и реален. Горан е на 37-годишна возраст, но тој може без проблем да игра за Македонија уште една година, ако не и повеќе. Пандев игра во Џенова, во Серија А, игра на врвно ниво и минутажата може да се дозира за да не предизвикаме непотебни повреди, но јас сум убеден дека може да игра уште една година професионален фудбал, зашто живее спортски, професионалец е и само повредите да го одминат. Од друга страна, Македонија има многу квалитетни млади играчи, кои веќе играат во најсилните лиги, како Барди, Елмас, Алиоски... И сега Горан треба да им биде пример и потстрек да го следат неговиот пат да бидат лидери. Лидер не се станува така, туку се станува со односот, со начинот, со примерот што го покажувате, со постигнатите резултати, со личен пример како се однесувате... И младите пред себе имаат добар пример кои треба да го следат и да се стремат да го достигнат.

Селекторе, го почувствувавте и вие коронавирусот, имавте битка со ковид-19...?

Навистина за среќа освен фудбалските победи, ја победив и короната. Не само јас, туку цело мое потесно семејство. Седум дена од боледувањето минав во Систина, добив и бронхо-пневмонија, а сѐ уште поткашлувам, така да ова е нешто што посакувам што побргу да заврши. Од мене еден апел да внимаваме, да ги почитуваме мерките и да им дадеме поддршка на сите што се борат со оваа ситуација. Јас сакам само да се заблагодарам на сиот медицински персонал, а само сложно со почитување на мерките може да победиме. Психолошки сум навикнат, зашто имав поддршка од смејството, цело време бевме заедно и кога имаш поддршка – лесно е. За крај сакам да ви честитам среќни новогодишни и божиќни празници на сите во редакцијата на Спорт 1, на сите читатели и на цела Македонија“.