ЈАКО: Изненадени сме од ФФМ, тие самите побараа - бордо дресови!

Промоцијата на новиот дрес на македонската фудбалска репрезентација за ЕВРО 2021, во неприродни бои за нашата држава, предизвика голема реакција во јавноста, по што челниците на ФФМ најавија враќање на стариот со префрлање на вината кон „ЈАКО“, од каде што, пак, се изненадени од потезите на луѓето од Куќата на фудбалот.

Најголем револт предизвика фактот што новиот основен дрес наместо во традиционалната црвена беше направен во бордо боја, која повеќе асоцира на албанската отколку на македонската национална селекција. Првиот човек на ФФМ, Муамед Сејдини, во соопштението до јавноста, за тоа ја нападна германската компанија за производство на спортска опрема.

Оттаму, пак, ексклузивно за СПОРТ1.мк, доаѓа сосема поинаква верзија на целата приказна.

„Луѓето од ФФМ нѐ известија во текот на вчерашниот ден дека не сакаат вашиот национален тим да игра на ЕВРО 2021 во новите дресови со Балканскиот рис. ЈАКО воопшто не го очекуваше ова. Според ФФМ, главна причина за револтот во јавноста е бојата на дресовите. Во моментот кога Македонија се пласира на ЕП, од ФФМ од нас побараа дрес со специфичен дизајн со Балканскиот рис и тоа во – бордо боја. Ние го произведовме дресот точно како што од нас беше побарано и го презентиравме на 28 мај“, ни изјави Нико Вагнер, задолжен за односи со јавноста во ЈАКО.

Сејдини најави дека Македонија ќе игра во старите дресови, кои навивачите ги сакаат, но само ако тоа го дозволи УЕФА, со оглед на ригорозниот процес на одобрување на спортската опрема пред големите натпреварување. Но, дури и тоа да се случи, прашање е дали ФФМ ќе има доволна количина од оваа опрема, со оглед на барањата секоја селекција на располагање да има најмалку три гарнитури дресови за секој натпревар.

Во спротивно, избраниците на селекторот Игор Ангеловски на дуелите против Австрија и Украина во Букурешт (13 и 17 јуни) односно против Холандија (21 јуни) ќе мора да настапат со новите дресови во бордо, бела и црна боја, против кои се крена буквално цела јавност во Македонија.