Еуфорија во Дуисбург - македонски навивачи слават заедно со репрезентативците! (ВИДЕО)

Стотина македонски иселеници во Германија дојдоа пред хотелот во кој е сместена Македонија во Дуисбург за да им се поклонат на фудбалските херои, кои вечерва ѝ нанесоа пораз на големата Германија со триумфот со 2-1 во мундијалските квалификации.

Кога поради полицискиот час, Скопје е мирно и не може македонските навивачи да излезат на славје како што беше во ноември, кога го изборивме историскиот пласман на Европското првенство, иселениците во Германија се собраа пред хотелот да им се поклонат на хероите, од капитенот Горан Пандев, до Елиф Елмас (стрелци на двата гола), Енис Барди, Столе Димитриевски, Стефан Ристовски и останатите.

Пред хотелот ечат македонски песни во еуфоричното славје на нашинците, после епската победа која силно одекна во светот. Може само да претпоставуваме како ќе беше вечерва во Скопје, ако не беше полицискиот час на сила поради актуелната пандемија со коронавирус.