Добриот старт носи напредок: Македонија ќе се врати на најдобриот пласман од 2010 година!

Македонската фудбалска репрезентација ќе се врати на најдобриот пласман во последните неполни девет години на најновото рангирање на Светската фудбалска федерација (ФИФА), откако ќе запише скок од три позиции за да се најде на делба на 68-то место на априлската листа, која светската организација ќе ја објави на 4 април.

Македонија со четири бода тргна во евроквалификацискиот циклус, па добриот старт донесе напредок повторно на 68-то место, позиција со која црвено-жолтите ја завршија минатата година и која беше најдобар пласман на нашата селекција од август 2010 година наваму. Репрезентацијата на почетокот на оваа година падна за три места на 71-та позиција, па сега повторно се враќа на 68-то место, откако освои седум рејтин-поени плус со победата против Летонија со 3-1 и ремито со Словенија 1-1. Сега 68-то место ќе го делиме со Гвинеја со по 1.350,37 рејтинг-поени.

За поголем напредок и за приближување кон историски најдобриот пласман од 46-то место во октомври 2008 година (селектор беше Среќко Катанец), на Македонија ќе и требаат и тоа како добри резултати од следните два квалификациски мечеви со фаворитите во групата Полска и Австрија во јуни. Победи од тие дуели многу извесно е дека ќе донесат далеку поголем скок на листата.

Полска и покрај двете победи во нашата квалификациска група ќе остане на 20-то место, но Австрија по очајниот старт со два порази ќе назадува дури 11 позиции и тоа до 33-та позиција. Израел со четирите бода ќе напредува за осум позиции до 84-то место, за разлика од Словенија која со две ремија ќе остане на 63-та позиција. Аутсајдерот Летонија, пак, ќе патне за две места на 133-то место.

На врвот на листата Белгија ќе остане на врвот пред Франција и Бразил, а Англија ќе скокне на четвртото место на сметка на Хрватска која ќе биде петта. Уругвај ќе ја прескокне Португалија, а топ десет ќе го затворат Швајцарија, Шпанија и Данска.