Ангеловски го повика Аврамовски и го врати Ѓорѓев за последните два меча

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација Игор Ангеловски го повика најдобриот фудбалер во Првата лига, Даниел Аврамовски, фудбалерот на Вардар и го врати во репрезентацијата Никола Ѓорѓев, играчот на Грасхоперс за последните два евроквалификациски мечеви за пласман на Евро 2020.

Ангеловски ги избра речиси сите фудбалери кои досега беа дел од репрезентацијата, а го нема само Аријан Адеми, кој со повреда играше за Динамо Загреб. Во селекцијата повторно е младиот Марио Младеновски, стоперот на Вардар, а на списокот се и тројцата суспендирани фудбалери кои немаат право да играат во Австрија, Висар Муслиу, Бобан Николов и Илија Несторовски.

Во однос на минатиот месец во селекцијата се враќаат повредените Дарко Велковски од хрватска Риека и фудбалерот за врска од Леванте, Енис Барди.

Македонија гостува идната сабота во Виена, а три дена подоца го пречекува Израел во Скопје.