Адеми и Ристовски ѝ вртат грб на ФФМ - ја „фаќаат“ ли страната на Пандев?!
Двоецот беше стартер на мечот, Ристовски одигра 79 минути, а Адеми играше цел меч, па брзото опоравување по повредите, сепак ги отвори прашањата дали зад откажувањето за настапите во пресметките кои Македонија ги загуби од Грузија (0-2) и Бугарија (0-1) се крие нешто друго, освен повредите.
Ден пред собирот беше објавено дека Ристовски има повреда на тетивата и дека му треба мирување (така изјави Анте Чачиќ), а Адеми откажа веднаш потоа поради повреда на грбот, иако по триумфот со Динамо пред две недели за клупската телевизија реше дека е „среќен што сите се здрави и дека се надева дека здрави ќе се вратат и по репрезентативната пауза“.
Останува отворено сега прашањето дали капитенот и бескомпромисниот борец ѝ вртат грб на ФФМ и дека повредите се изговор за месецов да не играат, во ек додека Горан Пандев бие жестока битка со актуелното раководство, а овој двоец, кој приватно се многу блиски пријатели со најдобриот македонски фудбалер во историјата, веќе ја избрале страната на својот довчерашен капитен во националниот тим.
Ристовски поради повреда на стапалото не играше во јуни во Лигата на нации, а Адеми побара и доби поштеда од селекторот Благоја Милевски за тој јунски циклус поради преголемиот напор и зачестените повреди, а во минатата сезона трипати отсуствуваше од по еден месец.
Откако е Милевски селектор, Адеми го имаше на располагање на само четири меча од кои еден само на 20 минути кога го повреди стапалото со Германија, а со Енис Барди овој двоец севкупно го имаше само на мундијалските баражи и очигледно е неговото отсуство во средината, исто како и на Ристовски на десен бек, најмногу и поради стабилноста и сигурноста во дефанзива.
Од поодамна во кулоарите се шпекулираше дека Адеми сакал да оди во репрезентативна пензија уште после Еуро 2020, по кое се пензионираше Пандев, Иван Тричковски и Крсте Велкоски, но фудбалерот за врска го разубедиле да настапува и понатаму во црвено-жолтиот дрес и во следниот циклус. Ама, овој последниот во Лига на нации компелтно го прескокна, дури прашање е дали и во ноемвриските контролки ќе биде во тимот, особено што сега следува пеколен ритам на домашното првенство и Лигата на шампионите до почетокот на Светското првенство во Катар.