Зајков потпиша за украинска Ворскла – трет Македонец што ќе игра за овој клуб!

Македонскиот репрезентативен стопер Ѓоко Зајков експресно најде клуб после раскинувањето на договорот со Левски по само шест месеци, па од вечерва е нов член на украинска Ворскла Полтава.

Дефанзивецот е трет Македонец кој ќе игра за овој украински клуб по Филип Деспотовски, кој беше дел од овој клуб во периодот од 2008 до 2010 година и Адис Јаховиќ, кој играше во сезоната 2013/14. Зајков со Ворскла потпиша две ипол годишен договор и веќе одржа еден тренинг со новиот тим.

„Ќе бидам среќен ако помогнам во остварувањето на целите на Ворскла, со моето искуство и квалитет ќе се обидам да помогнам во остварувањето на тие највисоки цели“, рече Зајков.

Тој е македонски репрезентативец и член на златната младинска генерација од Еуро 2017 во Полска, која потоа го донесе пресвртот во репрезентативниот фудбал, па сениорскиот тим стигна до Еуро 2020 и мундијалски бараж. Зајков е дете на Работнички, од каде замина прво во француски Рен, па во белгиска Шарлоа, а од летоска беше дел од Левски, со кој денеска раскина по само шест месеци соработка.