„Во 2012 Ферги ми предложи да го заменам на „Олд Трафорд“ - ништо не го разбрав!“

Во очи големото дерби меѓу Манчестер јунајтед и Манчестер сити, кое се игра денеска (17.30ч.), тренерот на „граѓаните“, Пеп Гвардиола, откри една анегдота од пред пет години.

Кога Алекс Фергусон се подготвуваше за заминување, бараше свој наследник. Во 2012 година, додека биле во Њујорк на некоја турнеа, Фергусон го побарал и му предложил да биде негов заменик. Арно ама...

„Знам што рече, ама не ми текнува. Кога тој зборува брзо тогаш тешко е да го разберете. Мојот англиски јазик и сега не е совршен, но е малку подобар. Во тој период не беше долку добар и можеби и не го разбрав најдобро. Кога отидовме во еден ресторан ми предложи да дојдам на ‘Олд Трафорд’. Беше одлична вечер, одбра неверојатен ресторан и, секако, ја плати вечерата“, раскажа Гвардиола.

Сепак, по пензионирањето на Ферги, на „Олд Трафорд“ заврши Дејвид Мојс и не се прослави многу. Гвардиола во тој период беше во Барселона и освои сè што е возможно, а потоа замина во Германија да го предводи Баерн.

„Сакав да го доживеам тоа неверојатно искуство во Германија. Покрај Сити, Баерн прв ме побара, но решив да одам во Германија и да научам германски, а потоа да го преземам Сити. Се сретнав со раководството на Сити, кое покажа поголем интерес од кој било друг клуб и тоа ми беше важно. ‘Те посакуваме’, ми порачаа. Затоа и дојдов и воопшто не жалам“, додаде Гвардиола.

Неговиот тим е на одличен пат кон титулата, бидејќи има предност од осум бода пред Манчестер јунајтед. Ако успее да победи вечерва, со 11 бода, по 16 кола, ќе биде со едната рака на пехарот.