„Статуа за Димитриевски пред „Кам Ноу“– ни ги исполни соништата на сите Каталонци!“

Македонската единица Столе Димитриевски, кој ѝ одбрани пенал на Барса синиќа, па обезбеди прва победа на Рајо Валјекано против каталонскиот великан после 19 години, освен што е херој во Мадрид, стана херој и во Барселона бидејќи му го потпиша отказот на Роналд Куман, а холандската легенда после полноќ доби клоца од управата.

Ни крив, ни должен Димитриевски се претвори во херој на сите Каталонци, зашто упорниот притисок за смена на Куман не помогна веќе подолго време, ама промашениот пенал на Мемфис Депај, после што Барса загуби кај Рајо пресуди за отказот. На херојот Димитриевски сега нема навивач на Барса кој не му се заблагодарува, а некои од нив бараат дури и– статуа од Дон Столе пред „Камп Ноу“

„Статуа за Димитриевски пред „Камп Ноу“, напиша еден навивач на Барса после отказот на Куман.

Друг, пак, Адри беше уште поконкретен. Поради Дон Столе Димитриевски сега слави цела Каталонија, па навивачите на Барса веќе го гледаат како еден од нив, клучен во битката да се набрка најлошиот тренер во историјата (Куман е прв по 85 години кој успеал да загуби три „ел класика“ по ред).

„Тој е човекот, тој е личноста! Тој е тој генијалец! Запомнете го – Дон Столе Димитриевски! Човекот кој го сопре пеналот на Мемфис и ги исполни соништата на сите Каталонци. Од денес и засекогаш Столе е еден од нас! Кога ќе ја освоиме шестата (титула во ЛШ – н.з.) во 2050 година ќе треба да му изградиме статуа“, објави навивачот на Барса, Адри.

За Димитриевски ова беше деветти одбранет пенал, четврти во дресот на Рајо Валјекано, а трет во Ла Лига. Има четири во дресот на Гимнастик Тарагона во Сегунда, а еден на Европското првенство летово на дебито со Македонија против Украина.