Што ќе се случи со милионите што Кардиф ги плати за исчезнатиот Сала?

Спасувачките служби вчера објавија дека ја прекинуваат потрагата по авионот во кој се наоѓаше фудбалерот Емилијано Сала и пилотот, откако три дена по исчезнувањето не можеа да пронајдат ништо. 

Аргентинецот направи трансфер вреден 17 милиони евра од Нант во Кардиф, а со авионот патуваше кон велшкиот град за да му се приклучи на новиот тим. Неговиот трансфер официјално се реализираше само неколку часа пред да исчезне, откако папирологијата беше регистрирана во ФИФА.

Сега се поставува прашањето што е со милионите кои ги плати Кардиф за фудбалерот, кој нема да заигра за клубот. Впрочем овој трансфер беше клупски рекорд на Кардиф, а Сала требаше да биде огромно засилување во нападот и во борбата за опстанок во Премиерлигата.

Според правилата Кардиф мора да ги исплати средствата според договореното во трансферот, а Нант нема обврска да ги врати. Премиерлигашот веќе исплатил шест милиони евра како прва рата од договореното, додека преостанатите 11 милиони ќе ги исплати во две рати. 

Нант не е должен да ги врати парите и сигурно нема, но Кардиф нема да биде „оштетен“ во случајот, бидејќи сите трансфери се осигурани во ФИФА. Во нивните трансфери стои полиса за осигурување во случај на вакви трагични настани.

Кардиф ќе ги добие парите назад, но веројатно ќе чека неколку месеци.