Седум голови на „Олимпико“: Рома го победи Беневенто (ВИДЕО)

Рома славеше со 5-2 против Беневенто во рамки на 5.коло во Серија А. Во возбудлив и интересен натпревар, домашниот тим одигра фуриозни последни 25 минути кога го реши победникот. 

Тимот на Филипо Инзаги се покажа како незгоден ривал па поведе со 0-1, а потоа беше во игра за позитивен резултат до 65-тата минута кога беше 2-2. Сепак Жордан Верету од пенал ја доведе Рома во водство од 3-2. Гостите потоа целосно се отворија и тргнаа кон голот на Антонио Миранте, па домашниот тим го искористи тоа на спротивната страна. Един Џеко со својот втор гол на натпреварот зголеми на 4-2, а точка на натпреварот стави младиот Карлес Перез со прекрасен соло-гол во финишот.