Се освести Гатузо за Елмас, па не запира со пофалби: Има сила, техника, а ќе биде уште подобар!

Втор меч по ред македонскиот бисер Елиф Елмас добива шанса да биде стартер и втор меч на кој игра од почеток кај Џенаро Гатузо, Наполи победи, овојпат за да направи голем исчекор кон финалето во Купот по триумфот со 1-0 во Милано кај Интер.

Елмас откако дојде Гатузо на местото на Карло Анчелоти имаше само еден меч како стартер и тоа во Купот со Перуџа (победа со 2-0), а дури против Сампдорија доби шанса која ја искористи за да го даде сефте голот во Калчото, а синоќа повторно беше стартер и тоа како офанзивен крилен играч, откако викендов поради суспензија за жолти картони не играше со Лече (пораз со 2-3).

И ако на почетокот на авантурата на Гатузо во Неапол, имаше „неразбирливи“ критики кон младиот македонски репрезентативец, сега веројатно тренерот на наполитанците се освести, па практично не запира со пофалби за дијамантот со број 12.

„Елмас може да ја игра и оваа улога како вечерва (како крилен офанзивец – н.з.), зашто има и сила и техника, а сметајте дека уште може да напредува. Тој е фудбалер кој влегува со сто отсто од себе, не може да попушти, кој не скока и не ви остава простор од 4-5 метри за дриблинг. Сето тоа го прави со многу енергија. Ги има сите карактеристики да биде голем играч“, вели Гатузо.

Сето ова по се изгледа се најава дека Елмас ќе има се поголема шанса во дресот на Наполи, во споредба со почетоците откако популарниот Рино седна на клупата.