Самсоненко не го напушта Вардар: Ќе останам и во добро и во лошо!
Вардар претпладнево одржа прес-конференција по повод претставување на Илија Најдоски, клупската легенда, сега во улога на технички директор. Меѓутоа собирот со новинарите беше искористен и за обраќање на сопственикот Сергеј Самсоненко. Тој објасни дека најавата за заминување од клубовите на Вардар, во август, била кажана со „жешка глава“ и дека останува.
„Реков дека ова ми е последна сезона во сите три клуба и после нема да инвестирам. Сакам да објаснам дека причината е само една – се собра цел куп пишувања од одредени медиуми, кои промовираа невистини за мене, превртуваа факти. Тоа ми се собра до срце, со жешка глава ја кажав. Јас не скав да си одам од Вардар и сакам да кажам да не веруваат во невистините што ги пишуваат за мене. Сакам да им порачам на тие што пишуваат, немате ни срам, ни совест, ве сметам за предавници. Јас не сум направил ништо лошо во оваа држава. Јас дојдов тука и ја засакав како моја. Тоа што правите за мене е 'дно-дна'. Јас не сакав да заминам и нема да заминам од Вардар. Ќе останам и во лошо и во добро, ќе дадам се од себе, ќе помагам како и да е на сите клубови. Сакам да кажам дека ги повикувам сите добри луѓе без разлика на националност, вера, партија, сите да не поддржат. Заедно да се бориме против неправди. Сигурен сум дека ќе направиме уште успеси. Ќе бидеме уште подобри“, изјави Самсоненко.