Руни остро ги нападна „британскиот Венко Филипче“ и Премиерлигата

Еден од најдобрите стрелци во историјата на Премиерлигата, Вејн Руни кажа дека постои борба за моќ околу тоа на кој начин фудбалерите од Премиерлигата можат финансиски да помогнат во битката против коронавирусот.

Руни смета дека фудбалерите се во ситуација во која не може да излезат како победници, откако претходно министерот за здравство Мет Хенкок кажа дека играчите мора да помогнат, а Премиерлигата предложи да им се намали платата за 30%.

„Премиерлигата го објави предлогот и тоа го зголеми притисокот врз фудбалерите, кои според мое мислење не се во ситуација да победат. Ако играчите кажат дека не се сложуваат и нема да прифатат намалување од 30%, од причина што некои финансиски ќе пропаднат, тоа ќе изгледа како најбогатите фудбалери да го одбиваат предлогот. Сите одлуки беа донесени зад затворени врати, но оваа мораше јавно да се објави. Зошто? Мислам дека за да се посрамотат фудбалерите, да ги турнете во место од кое ќе мора да се согласат на загубен приход“, кажа поранешниот капитен на Манчестер јунајтед.

Здружението на професонални фудбалери вчера објави дека намалување на платата од 30% ќе биде штетно за сите бидејќи тоа ќе претставува сума од намалени 500 милиони фунти плус загуби на даночните служби од 200 милиони фунти за британската влада.

„Срамно е ова. Знам дека фудбалерите се добро платени и дека може да дадат пари. Но, сметам дека секој треба да донесе одлука самостојно“, вели Руни.