Роналдо нема(л) намера да си оди од Јувентус!

Иако во последно време се појавуваат низа шпекулации дека летоска Кристијано Роналдо после три години минати во Јувентус ќе си замине од Торино, такво нешто нема да се случи, зашто португалскиот ас е одлучен да го одработи четиригодишниот договор кој му истекува во летото 2022 година со „старата дама“, најавува торинскиот спортски весник „Тутоспорт“.

Според весникот, Роналдо не сака да си оди, иако медиумите дури најавија дека го исконтактирал раководството на Реал Мадрид за враќање на „Сантјаго Бернабеу“, од причина што Португалецот е презадоволен од односот со тренерот и легенда Андреа Пирло, како и од добрата заработка во клубот, нешто што веројатно освен во ПСЖ, никаде не би можел да ја добие.

Роналдо во Јувентус дојде во летото 2018 година за 105 милиони евра од Реал Мадрид и стана најскап фудбалер во италијанското Калчо, а со 30 милиони евра годишно е убедливо најплатениот фудбалер во италијанскиот фудбал. Откако е дојден во најтрофејниот клуб на апенините, Роналдо има 73 гола на 95 настапи, две шампионски титули, а сезонава има осум гола и само Златан Ибрахимовиќ е поефикасен од него со десет. Останува неисполнет сонот за европска титула, шанса која во изминатите две сезони беше пропуштена.

„Тутоспорт“ посочува дека и Јувентус нема намера да се откаже лесно од Роналдо, без оглед на медиумските пишувања, зашто овој фудбалер е гарант за големи спонзорски договори и зголемување на приходите од година во година, бидејќи во моментов Португалецот е најкомерцијалниот фудбалер на светот.