Повредата на Миовски е ептен сериозна - го чека долга пауза!

Македонскиот репрезентативец Бојан Миовски се здоби со тешка повреда на тренинг, па според шпански „Спорт“ го чека долга пауза од фудбалските терени.

Деталните медицински прегледи покажале дека Миовски има исчашување од трет степен на десниот зглоб на ногата поради што го чека пауза од шест до осум недели, а и самиот напаѓач потврди дека долго нема да биде на теренот.

Ова значи дека Македонецот нема да биде во конкуренција за дуелите против Мајорка, Валјадолид, Алавес, Севилја и Рајо Валјекано во Ла Лига, како и за мечот против Милан во Лигата на шампиони (ЛШ).

Доколку сè тече според планираното се очекува македонскиот напаѓач да биде во конкуренција за дуелот против Арсенал на крајот на јануари во осмото коло од групната фаза во ЛШ.

Миовски досега настапи на 18 натпревари за Жирона, а притоа постигна четири гола и две асистенции во сите натпреварувања.