По една сезона во втора лига, Сасуоло се враќа во Серија А

На пет кола пред крајот на сезоната во италијанската втора лига, јасно е дека Сасуоло ќе се врати во Серија А.

„Зелено-црните“ не играа денеска, туку вчера ја победија Модена како гости со 3-1, но во корист им беа резултатите од денешната програма. Третопласираната Специја ремизираше на гостувањето кај Мантова (2-2) и сега има 16 бода помалку во однос на Сасуоло.

Второто место кое директно води во Серија најверојатно ќе ѝ припадне на Пиза која има седум бода повеќе од Специја, додека борбата за последниот патник во повисок ранг ќе биде навистина жестока.

Сасуоло лани испадна од Серија А по 11 успешни сезони во италијанската фудбалска елита. Најголемиот успех го оствари во 2016 година кога го освои шестото место и потоа дебитираше на европска сцена, во Лигата Европа.