Новиот газда на Фиорентина збеснал поради штетни договори на клубот со тетовецот Рамадани

Новиот газда на италијанска Фиорентина, Американецот со италијанско потекло Роко Комисо бил вчудоневиден и збеснал откако ги видел документите после преземањето на клубот, во кои тетовецот Фали Рамадани имал „штетни договори“ за клубот преку своите клиенти.

Комисо не бил воопшто информиран за договорите на Рамадани со дел од фудбалерите, кои се негови клиенти и ги донел во Фиорентина, а луѓето на новиот газда кога ги решавале документите увиделе за „дилот“ што тетовецот го имал со бившите газди Деле Вале за продажба на пет фудбалери на „виолетовите“.

Според „Њујорк Тајмс“, кој имал увид во документите, станува збор за петмина балкански фудбалери, четворица од Србија и еден Црногорец, почнувајќи од актуелните Никола Миленковиќ и Душан Влаховиќ, како и поранешните Стеван Јоветиќ, Адем Љаиќ и Матија Настасиќ.

„Договорите на Рамадани со Фиорентина биле такви што менаџерот имал ефективна дозвола за да пронаоѓа купувачи за тие играчи, најмалку петмина, а за возврат менаџерот добивал голема провизија. Ако не, клубот исплаќал пенали“, објавува „Њујорк Тајмс“.

Рамадани прд два месеци беше обвинет во Шпанија за перење пари, а во моментов склопи два џиновски трансфери, првиот на Миралем Пјаниќ во Барселона од Јувентус, а вториот на Лирој Сане од Манчестер сити во Баерн – двата севкупно врдни 110 милиони евра.

Пантелео Корвино, спортскиот директор на Фиорентина објавил дека таквиот договор на Фиорентина со Фали Рамадани бил исплатлив за „виолетовите“, потенцирајќи дека од трансферите на Јоветиќ и Настасиќ во Манчестер сити, како и на Љаиќ во Рома донеле многу повеќе пари од тоа што било потрошено на нив за да дојдат на „Артемио Франки“.