На Мурињо му пречи жолтата машничка на Гвардиола: Да бев јас немаше да ми дозволат!

Жозе Мурињо ќе најде што било како повод да се задева со колегите, особено пред меѓусебен голем дуел, како што е тоа викендов (недела 17.30ч.) меѓу Манчестер јунајтед и Манчестер сити.

Мурињо му забележа на Гвардиола за жолтата машничка, што ја носи закачена на левата страна, на градите, веќе некое време. Тоа претставува знак за поддршка на сите кои се притворени во Каталонија, поради тоа што се бореле за самостојност.

Мурињо смета дека, да е тој во таква ситуација, нема да му дозволат да истакне политичка порака.

„Ако правилата воопшто го дозволуваат тоа, тогаш тој е слободен граѓанин. Но, се сомневам дека правилата дозволуваат каква било политичка порака на теренот. Мислам дека мене не би ми било дозволено“, рече Мурињо.

Гвардиола е роден Каталонец и не го крие своето залагање во борбата за независност на оваа шпанска покраина.

„Не можеме да игнорираме дека овие политичари или активисти, кои не повредиле никого, се ставени во затвор само затоа што побарале да гласаат. Само затоа што посакале легален референдум“, рече Гвардиола минатиот месец.

УЕФА ја казни Барселона со 24.000 евра во 2015 година, бидејќи на финалето во ЛШ навивачите извадија банери со кои ја поддржуваа независноста. Сепак, пред почетокот на оваа сезона УЕФА омекна во ставовите и го направи правилото да биде казниво само за навредливи политички пораки.