Милик е спасителот, Јувентус доби шанса да си ја спаси сезоната (ВИДЕО)

Јувентус загуби од Лацио со 1-2 во реванш натпреварот од полуфиналето на Купот на Италија, но ќе игра во мечот за титулата од ова натпреварување поради триумфот со 2-0 на домашен терен.

Римскиот тим беше на прагот да избори продолженија бидејќи до 82. минута беше во предност, благодарение на двата гола на Кастеланос, по еден во двете полувремиња. Херој на Јувентус беше полскиот репрезентативец Аркадиуш Милик кој влезе во игра во 81. минута, а во првиот контакт со топката ја затресе противничката мрежа за гол вреден финале за торинскиот тим кој со тоа се избори за дуел за трофеј со кој ќе си ја спаси очајната сезона.

Во натпреварот за титулата, „бјанконерите“ ќе се сретнат со Фиорентина или Аталанта кои возвратниот меч го играат утре во Бергамо. Првиот дуел во Фиренца заврши со победа на домашниот тим од 1-0.