Миленко: Во тренинг центарот не може да влезат лица кои не се дел од Вардар!

Извршниот директор на Вардар, Миленко Неделковски вели дека во тренинг центарот во Хиподром е забрането да влегуваат лица кои не се дел од клубот.

На денешниот брифинг со новинарите, извршниот директор на Вардар, Миленко Неделковски меѓудругото зборуваше и за инцидентот кој што се случи синоќа кога вратата од тренинг центарот беше затворена за тие кои ги водат социјалните мрежи на клубот.

„Во тренинг центарот не може да влезат луѓе кои не се дел од Вардар, влезот е забранет за приватни лица. Се јавивме во полиција и ситуацијата беше расчистена. Не е точно дека според договорот тие треба да ги водат социјалните мрежи на тимот. Ние работиме по примерот на сите сериозни клубови, никаде не е дозволено влез во тренинг центарот на приватни лица без претходна најава. Затоа и не беа пуштени тие кои дојдоа“, рече Миленко.  

Здружението „35 години Вардарци“ кое ја претставува навивачката група Комити тврди дека според потпишаниот договор маркетингот на социјалните мрежи го работат нивни претставници, но Миленко Неделковски го негира тоа.