Калјари го сака Несторовски за засилување!

Италијански Калјари, кој изминатава сезона испадна во Серија Б, влегол во трка за потписот на македонскиот репрезентативец Илија Несторовски, кој е слободен играч после завршување на тригодишниот договор со Удинезе.

Несторовски во последниов период беше интересен за Лече, клубот од јужна Италија кој се врати во Серија А, но брзо овој клуб се откажа од опцијата за ангажман, а во игра според информации од Чизмата се и англиски Вотфорд, како и клубови од Обединетите Арапски Емирати, како и поранешниот клуб на прилепчанецот Палермо, кој сонува за кам-бек на својот капитен на Сицилија.

Италијанскиот новинар Џанлука Ди Марцио, новинар на „Скај Италија“, сега објави дека Калјари влегува во трката за Нестороввски и клубот од Сардинија го посакува како засилување за новата сезона во обид да се избори експресен кам-бек во италијанската елита.

Наводно првите контакти веќе се воспоставени, а покрај Несторовски, Калјари е заинтересиран и за романецот Пушкаш, инаку екс-соиграч на македонскиот интернационалец од периодот во Палермо.

Несторовски во Италија дојде во 2016 година од Интер Запрешиќ (Хрватска) и мина три години во Палермо, по што сицилијанската гордост банкротира, а тој како слободен играч замина во Удинезе.