Интер вечерва може да стане шампион, Милан сака да им го одложи славјето!

Вечерва од 20:45 часот се игра големото дерби на Милано кое овојпат е посебно, Интер со победа над Милан ќе го завери Скудетото, задачата на росонерите е да не дозволат на меч против нив ривалот да се радува на титулата.

Денеска на програмата во Италија се два важни меча, најпрво на Олимпико од 18:30 Рома ќе ја пречека Болоња во дуел за местата кои водат во Лигата на шампионите, а потоа е миланското дерби меѓу Милан и Интер.

Милан е домаќин на овој меч, а тоа во овие дуели значи дека ќе ја има поголемата поддршка од публиката.

На шест кола до крајот, Интер има 14 бодови предност пред Милан и доколку вечерва освои уште три и теоретски ќе стане шампион на Италија.

Интер игра моќна сезона во Серија А, Инзаги ги враќа нероазурите на тронот во Италија, се чека само да се стави печатот, да се завери Скудетото. А нема подобар меч за тоа отколку против градскиот ривал.

Пиоли за овој меч нема да може да смета на Калулу и Побега поради повреди и Тиау поради суспензија. Во Интер отсутен е само Квадрадо.

Доколку Интер го добие Милан, вечерва се очекува црно-сино славје низ улиците на Милано, бројни фанови на нероазурите да излезат и да го прослават големиот успех.