Холандски клуб исфрлен од Првата лига поради - Роман Абрамович

Холандскиот клуб Витесе доби казна, одземање 18 бода и идната сезона ќе настапува во Втората лига на својата земја.

Причина за ваквата одлука се проблеми при лиценцирањето, односно прикажување нереални извештаи за финансирањето на клубот. Лиценцната комисија заклучија дека клубот бил или се уште е контролиран од рускиот милијардер Роман Абрамович. Во 2022 година тој беше суспендиран од европскиот фудбал поради санкциите што ЕУ ги изрече против Русија, а како последица на инвазијата на Украина. Со наводното финансирање на Витесе, тие санкции се прекршени и затоа клубот добива драконска казна.

Во минатото Витесе беше една од филијалите на Челси, клуб кој Абрамович го поседуваше речиси две децении и таму беа испраќани на калење младите фудбалери кои не можеа да се изборат за место во составот на „сините“. И без казната, тимот од Арнхем беше на последната позиција на табелата, но вака нема никакви шанси за опстанок бидејќи сега е со -1 бод.

Со тоа, Витесе ќе испадне во понизок ранг првпат по 35 години. Раководството на клубот објави дека не планира да вложи жалба бидејќи тоа нема да промени ништо кога станува збор за статусот на екипата затоа што негативата во однос на 16-пласираниот Валвијк изнесува седум бода на четири кола пред крајот на првенството.