Енцо Фернандез за премиерлигашки рекорд од 120 милиони евра доаѓа во Челси!

Најдобриот млад фудбалер од последното СП во Катар, Енцо Фернандез ќе го засили Челси како последен зимски трансфер, највреден во историјата на англискиот фудбал, откако лондончани и Бенфика конечно се договорија за трансфер вреден 120 милиони евра.

Доаѓањето на Енцо на „Стемфорд бриџ“ е премиерлигашки рекорд, а цели 24 часа Челси и Бенфика преговараа за „сините“ да постават нов рекорд и да го надминат досегашниот на Џек Грилиш од Астон Вила во Манчестер сити од 118 милиони евра. Енцо претходно има договор за плата од 10 милиони евра и договор до 2030 година.

Сепак, клубовите се договорија точно на еден час до истекот на преодниот рок, што значи потребно е на време да се потпишат документите, а фудбалерот да ги заврши медицинските прегледи.

Челси цел месец го бркаше Фернандез, но во првиот обид не успеа да го ангажира откако лисабонските „орли“ не ја прифатија првата понуда, но сега на крајот на преодниот рок експлодира бомбата и „сините“ направија нов сто милионски трансфер после тој на Михајло Мудрик од Шахтер (сосе бонуси).

Со ова откако новиот газда Тод Боели го презема клубот од рускиот олигарх Роман Абрамович, сметката само на трансфер отштета во овие два преодни рока, летниот лани и овој зимски надмина – 600 милиони евра.