Барса се изјасни: Ќе играме во Лигата каде што ќе игра и Еспањол!

Фудбалскиот свет е во паника. Ќе остане ли Барселона после 1 ноември во Примера? Ова е прашањето кое секој фудбалски навивач ширум светот го поставува, откако Каталонија е на чекор преку референдум да прогласи независност од Шпанија.

Регионалната Влада на Каталонија планира на 1 ноември да спроведе референдум за независност, и покрај тоа што шпанскиот уставен суд го прогласи референдумот за нелегитимен и неуставен, а неколку членови на изборната комисија во Каталонија деновиве беа уапсени, што предизвика гнев кај Каталонците и протести со преку 100 илјади жители. Патем судот известил неколку каталонски медиуми, вклучувајќи ја и регионалната „ТВ3“ и „радио Каталуња“ да престанат да емитираат реклами на кои заговорниците за независност повикуваат на масовно излегување на референдумот.

Пред десет дена, наоружани полицајци го претресуваа седиштето на неделникот „Ел Валенс“ во местото Валс, 50 километри од Барселона, каде со судски налог бараа гласачки ливчиња за референдумот, а од седиштето го конфискувале главниот компјутер на компанијата. Никаков материјал за референдумот полицијата не најде, а по пет часа претрес полицијата го напуштила неделникот, а тоа испровоцира масовни протести кои ја пееа каталонската химна.

Мадрид има судско овластување да ја преземе контролата над регионалните влади или може да испрати полиција за да спречи гласање во Каталонија, но сето тоа може да го наруши моделот за децентрализирно управување во Шпанија, која е поделена на 17 автономни покраини, а една од нив е Каталонија. Според шпанскиот устав од 1978 година, кога во земјата е воведена демократијата, референдуми се дозволени на ниво на цела Шпанија, а не по регионите. Уставот со тоа го заштитува целосниот интегритет на Шпанија

Заговорници за независност имаат мнозинство на народни избраници во каталонскиот парламент и тие го изгласаа законот за референдум, а поддршка нормално доби и од фудбалери и ѕвезди на Барселона низ изминатиот период. Сепак, тој референдум е неважечки според шпанскиот суд, но каталонските сепаратисти свеедно продолжуваат да ја форсираат подготовката за референдумот, иако од Мадрид се закануваат дека такво нешто нема да се одржи.

И додека Каталонија врие, официјално Барселона, симболот на Каталонија нема цврст став. Челниците на спортскиот великан неодамна изјавија дека клубот нема став за можното одвојување на Каталонија од Шпанија, но пред три години клубот се придружи на „националниот договор за право за одлучување“, која беше платформа која ја застапуваат политички партии и невладини организации што се борат за независност на Каталонија.

Откако цивилната гарда ги успси членовите на каталонската влада, Барселона досега испрати најконкретна политичка изјава. Во соопштението од клубот стои дека Барса цврсто ја брани демократијата, слободата на говор и правото на самоопределување.

И додека кризата е на точка на вриење, многумина сметаат дека Барселона нема шанси да замине од Ла Лига, иако од шпанскиот фудбалски сојуз потенцираа низ годините дека ако Каталонија си оди од Шпанија, за Каталонци место во шпанскиот фудбал нема да има.

„Ќе останеме во истата лига во која игра Еспањол“, рече на почетокот на месецов, потпретседателот на Барселона, Карлес Виларуби.

Таа изјава всушност го открива целосниот план на спортска Барселона, дека таа без Ла Лига едноставно – не може. Еспањол е клуб од Каталонија, но тој се смета за прошпански. Тешко дека и Реал Мадрид по еден век ривалство со Барселона би се откажал да не игра „ел класико“, а тешко дека и двата клуба би можеле да функционираат еден без друг, особено што тоа ривалство во касата им слева стотици милиони евра од ТВ-правата.

Но, Хавиер Тебас, првиот човек на РФЕФ даде сосема спротивна изјава од таа што сите ја очекуваа во случајот „каталонска независност“

„Барселона нема да може да донесе самостална одлука во која лига ќе игра, ако навистина дојде до отцепување на Каталонија“, изјави Тебас.

Извори од клубот за „Би-Би-СИ“ најавиле дека управата на Барселона нема да се излета со предвремени изјави и сложбени сооштенија се додека референдумот не се одржи. Сепак, истиот извор додаде дека ако Каталонија прогласи независност, клубот ќе мора да го земе во обзир мислењето на сите свои членови пред да донесе таква важна одлука

„Секоја чест на сите, но мислам дека Барселона е еден од водечките светски брендови, не само во фудбалот и убеден сум дека секоја лига на светот би сакала да ја има Барселона, па вклучувајќи ја и Шпанија“, изјавил неименуван член на Каталонците за англиската мрежа.

Како ќе се расплете целата замрсена приказна околу катаонската независност сепак ќе треба да се почека до 1 ноември и деновите кои ќе следат, но фудбалските навивачи се надеваат дека и во иднина ќе гледаат „ел класико“. Затоа што дуел без Меси против Роналдо најмалку двапати во сезоната не е исто.

„Не можам да замислам шпанска лига без Барселона. Едноставно не можам. Како љубител на фудбалот и на спортот, вакво нешто ми е незамисливо“, призна француската легенда Зинедин Зидан, актуелниот кормилар на Реал Мадрид.