Алисон најави дека си заминува од Рома

Полуфиналистот во Лигата на шампионите сезонава, италијанска Рома веќе дефинитивно ќе остане без својот прв голман Алисон Бекер, репрезентативецот на Бразил, кој призна дека во четврток би требало да се знае неговиот иден клуб.

Алисон е еден од најбараните голмани во моментов и одамна се најавува дека тој ќе го урне светскиот трансфер рекорд за еден чувар на мрежата, кој го држи Џиџи Буфон со 50 милиони евра уште од 2001 година со трансферот од Парма во Јувентус. Алисон во изминатиов период се поврзуваше со низа европски гиганти, а со последната изјава најави негово заминување од „вечниот град“.

„Искрено, навистина се надевам дека се ќе се реши до СП. Јас им препуштив на моите менаџер да ја донесат најдобрата одлука и да го решат овој 'проблем'. Имаме бројни опции и сите се на маса. Ги разгледуваме. Јас имам голема почит кон Рома“, рече Алисон.

За него заинтересирани се Ливерпул, Реал Мадрид, Челси, но засега нема најава кој клуб е најблизу до потписот. Алисон се очекува на СП во Русија да биде стартен голман, иако „кариоките“ имаат уште еден одличен чувар на мрежата во Едерсон од Манчестер сити.