Заврши ерата на Седлоски во Шкупи!

Ерата на Гоце Седлоски во Шкупи заврши денеска откако досегашниот кормилар на чаирчани доби отказ, само три дена откако со ремито во Струмица против Академија Пандев (1-1), повторно заостанаа четири бода во однос на лидерот Струга ТЛ во трката за титулата.

Седлоски веќе еднаш сезонава си замина, на почетокот на септември кога даде отказ, па после само десет дена се врати на кормилото на македонскиот првак, но сезонава Шкупи игра под сите очекувања и од шест меча во овој втор дел од сезоната победи само двапати, со Шкендија (2-0) и со Работнички (3-1).

Поранешниот тренер на Вардар кој лани на Чаир ја врати титулата после две децении пауза, го презема Шкупи на 16 аптил 2021 година. Тој е и поранешен тренер на Хоризонт Турново, летонска Рига и имаше краток претстој како тренер на вториот тим и младинците на Динамо Загреб во 2020 година.

Според информациите, денеска раководството на клубот ќе има состанок за да се изнајде ново тренерско решение, а има низа слободни стратези од Муарем Бајрами, екс-капитенот на Шкупи и доскорешен тренер на Македонија ЃП, па бившиот тренер на Струга ТЛ, Срѓан Захариевски...