
Врие во Вардар: Фудбалерите пред штрајк, црвено-црните в сабота ќе играат со – младинци?!
Кај црвено-црните ситуацијата врие откако играчите ниту денеска не добиле одговор дали ќе биде исполнето ветувањето дека до крајот на овој месец (до петок – н.з.) ќе бидат исплатени заостанатите плати. Но, на состанокот во Хиподром, дел од раководството на клубот воопшто и не се појавило, па фудбалерите силно реагирале на целокупната хаотична ситуација, меѓу редови најавувајќи и дека може да не играат на претстојниот саботен меч во Струмица со Беласица, па вардарци нови бодови можно е да бркаат со младинци.
Хаосот во најтрофејниот клуб излезе на површина веднаш по елиминацијата од Пјуник, прво со најавеното враќање на клубот од газдата Сергеј Самсоненко на град Скопје, а потоа и со блокирањето на сметката поради голем долг кон Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор (АДССДП) за користењето на Националната Арена „Филип Втори“. Пред самиот старт на новата прволигашка сезона, поради големите финансиски проблеми, Вардар едвај собра пари за да ја плати котизацијата за настап во Првата лига од 12.000 евра.
Раководството на клубот на фудбалерите тогаш им порачало дека пари нема, но дека до крајот на месецов ќе бидат исплатени заостанатите плати. Сепак, како што стојат сега работите, веројатно нема да има исплата, што предизвикало бурни реакции кај играчкиот погон. Фудбалерите се заканиле дека ако до петок нема исплата тогаш ќе размислат што ќе прават, зашто се исцрпени од десетмесечните лаги дека ќе го добијат тоа што го договориле и дека ќе може нормално да се концентрираат на мечевите. Наводно, се заканиле дека е можно да не играат во саботниот меч, па Вардар да мора повторно да игра со младинци и да се срами во прволигашкото друштво. Засега одлуката кој и како ќе игра в сабота е само на фудбалерите, а тоа зависи само дали до петок на сметка ќе легнат парите.
Фудбалерите посебно реагирале и се чуделе, како е можно да се единствените спортисти од семејството на Самсоненко кои не добиле ниту денар, иако му донеле огромен приход со ланскиот настап во Лига Европа од преку четири милиони евра.
„На играчите им е пукнат филмот. И ако нема брза исплата тоа ќе биде катастрофа за клубот, од причина што по петок никако нема да може да се мотивираат фудбалерите. Тие освоија седум од можните девет бода и сето тоа на мотивација дека до 31 август ќе има пари. Ама, сега ситуацијата е дојдена до точка да нема каде да се оди. Едноставно фудбалерите се исцрпени од лагите кои ги слушаат во последните десет месеци“, вели за „Спорт 1“ извор близок од соблекувалната на црвено-црните.
Вардар годинава веќе окрка еден срам со играње со младинци и тоа во март, навредени поради неказнувањето на Шкендија за „случајот младинец“, по што црвено-црните одиграа два меча со своите таленти и практично се откажаа предвреме за еден од двата трофеи (беа елиминирани во Купот на Македонија од Шкендија), дозволувајќи му на најлутиот ривал во минатата сезона да слави „двојна круна“.
Според претходните најави, Самсоненко до крајот на годинава треба да го предаде клубот на град Скопје и комплетно да се откаже од раководењето на клубот, но обврската на рускиот бизнисмен е да ги врати сите долгови за кои чаршијата шпекулира дека се околу два милиони евра и клубот на градот да го врати без ниту еден долг. Но, град Скопје не помислува да го преземе раководењето на клубот ако не се исчистат долгувањата и ако ситуацијата во клубот не се стабилизира.